Погласна од било кога, барем по ова прашање, во Европскиот парламент има група од 70 пратеници која сака да се укине поместувањето на стрелките на часовникот два пати годишно. Ваквото барање, наведуваат, се должи на „сé поголемиот број докази за негативното влијание од таквата пракса (прочитајте и: Еден саат понапред… до инфаркт)“.
„Научните истражувања покажуваат дека 20% од популацијата пати од здравствени проблеми поради менувањето на часовникот. Освен негативното влијание на човечкиот биоритам, поместувањето на стрелките на часовникот доведува и до поголем број сообраќајни несреќи, поголеми пореметувања во семејството, како и до опаѓање на продуктивноста на работното место“, вели Павел Свобода – чешки пратеник кој неформално ја предводи групата европратеници зад оваа иницијатива.
Исто така, наведува, поместувањето на часовникот е воведено со цел заштеда на енергија (прочитајте и: Зошто воопшто постои летно и зимско сметање на времето?) , но таа цел никогаш не е исполнета.
„Студијата на непристрасните истражувачки служби на Европскиот парламент јасно покажува дека укинувањето на промените на часовникот е добро за нашите 510 милиони граѓани“, вели Свобода.
Според него, предлогот има силна поддршка во земјите членки, истакнувајќи го примерот на Полска, која веќе ги направи првите законодавни чекори по тоа прашање.
За крај, Свобода најавува дека работната група зад иницијативата ќе поднесе предлог-резолуција со која ќе побара укинување на промените на часовникот од страна на Европската комисија, така што во блиска иднина можеме да очекуваме гласање по тоа прашање во Европскиот парламент.