Еден саат понапред… до инфаркт

Поголемиот дел од Европа, вклучувајќи ја и Македонија, преминаа кон летно сметање на времето и ги поместија стрелките на часовникот еден час понапред.

Во паметните земји, како Германија, одамна се бунат дека преминувањето кон летно сметање на времето треба да биде поништено. 37 години по неговото воведување, денес веќе е јасно дека економските придобивки од оваа постапка се суштинско помали, отколку што се мислеше своевремено. Да не зборуваме како истото се одразува на човековото здравје. Германците упорно потпишуваат петиции до Бундестагот за негово укинување.

Диктатурата на „социјалниот” часовник

„Мажот има потреба од шест часа спиење, жената – од седум, а глупаците – од осум” – изјавил еднаш Наполеон. Императорот го сметал сонот за изгубено време и спиел само по шест часа, како и големиот пронаоѓач Едисон. Затоа пак, Ајнштајн спиел по најмалку 10 часа, а како што знаеме, Ајнштајн не бил будала. Плус, Наполеон сам си одредувал кои 6 часа во денот ќе ги спие. Потребата од сон, исто како и времето кога човекот заспива и се буди, се многу индивидуални работи и во значителна мера се генетски предодредени. Ова го докажува во својата книга „Како работи нашиот внатрешен часовник” водечкиот германски хронобиолог Тил Ронеберг.

„Кој рано рани, две среќи граби“ – слични поговорки се среќаваат речиси кај сите народи. Поентата им е една: луѓето кои спијат до доцна, се бескорисни. Ронеберг го направил своето истражување во Германија, Шпанија, САД, Индија, Бразил. Тој детално анализирал информации за 80.000 жители од три континенти и смета дека сличните „народни мудрости” се недвосмислено застарени. Таквите мудрости беа соодветни за времињата кога поголемиот дел од населението се занимаваше со земјоделие, но сега не е така. Околу 60% од Европејците се „ноќни птици“, т.е. преферираат подоцна да легнуваат и подоцна да стануваат.

За жал тоа не е секогаш можно. „Внатрешниот” биолошки часовник мора да одговора со „социјалниот”, па „ноќните птици” мораат да стануваат далеку порано отколку што сакаат за да одат на работа или на училиште. Резултатот од ова е добро познат на сите: тешка концентрација, човекот станува раздразлив, брзо се заморува, полошо се справува со физичката, менталната и емоционална активност… Со еден збор, „сонот се разминува со генетски зададениот биоритам“, нагласува експертот.

Зошто мажите сакаат млади жени

Покрај тоа што вистинскиот режим на спиење / и тоа да си буден / зависи од многу повеќе фактори отколку самата припадност на армијата на „ноќни птици“: степенот на замор, возраста, полот, начинот на живот, периодот од годината – сето тоа игра многу важна улога. На пример, малите деца, за инат на своите родители, спаѓаат во раните хронотипи, но подоцна нивниот режим на спиење се поместува. Апсолутните „ноќни птици” се тинејџерите од 14 до до 20 години. Тие имаат способност и се предодредени да седат до сабајле пред монитор или екранот на телефонот, да шетаат со друштво или да се журкаат во дискотека, а потоа наутро не можеш да ги разбудиш ни со топ. Поради ова, Тил Ронеберг повикува наставата да почнува подоцна. Првите два часа се целосно изгубени. „Проблемот не е во дисциплината, туку во биологијата”, резимира тој.

Кај мажите и жените дневниот режим не само што се менува со возраста, туку и ретко се совпаѓа. Ронеберг, малку и на шега, забележува дека токму поради таа причина зрелите мажи ги привлекуваат млади жени: внатрешниот часовник на мажот на возраст 40-45 години е темпиран речиси подеднакво со оној на 30-35-годишна жена.

Секое прекршување на природниот ритам, односно регулирањето на сонот, ја нарушува стабилноста на нашиот внатрешен часовник, а следствено и на целиот организам. Таква неприфатлива интервенција во природниот ритам тој гледа во преминот кон летно време. Врз основа на бројни експерименти, Ронеберг докажува дека тоа негативно се одразува не само на самодовербата на луѓето, туку и на нивната продуктивност. Односно, кој би рекол, оваа промена е неефикасна и од економска гледна точка, а баш заради тоа е воведена.

Еден саат понапред до… инфаркт

Според податоците на една од најголемите осигурителни компании на Германија DAK, во првите три дена по преминувањето кон летно време, во германските болници доаѓаат во просек по 40 луѓе на ден со индикации или сомневања за инфаркт. Вообичаена просечна годишна “норма” е 30 лица дневно…

Преминувањето кон летно време, колку и да звучи глупо/чудно, е опасно не само за луѓето, туку и за животните. Лисиците, дивите свињи обично излегуваат на лов пред разденување. А по преминувањето кон летно време токму тогаш по автопатите и руралните патишта има најмногу автомобили. Не е случајност што токму во овој период во Германија се прегазени најмногу диви животни, од цела година.

Индијанецот и сметањето на времето

На интернет кружи една ваква приказна: Кога на еден стар Индијанец му ги објасниле причините за промените во сметањето на времето, Индијанецот наводно констатирал:

„Само будала може да верува дека можеш да исечеш метар од горниот крај на ќебето, да го зашиеш на дното, и да веруваш дека си добил подолго ќебе“.

- Реклама -