Баерн го победи Јувентус, реми во Париз

Баерн Минхен ја искористи предноста на домашен терен и го победи Јувентус, ПСЖ во последните моменти се спасуваше од пораз против Барселона.

Баерн Минхен уште еднаш ја презентираше доминацијата и одличната форма во која се наоѓа и лесно со 2-0 го победи Јувентус.

Старата Дама не одигра на потребното ниво и може да биде задоволна што не замина и со поубедлив пораз.

Резултатот беше отворен уште во 26. секунда кога Алаба постигна гол од далечина за водство на Баерн од 1-0.

Во 63. минута Томас Милер реализираше за сигурна победа на Баерн Минхен од 2-0.

Покрај двата погодоци Баерн Минхен имаше уште неколку одлични можности уште вечерва да го реши патникот во полуфиналето.

Јувентус имаше свои прилики за погодок, но не успеа да реализира на Алијанц Арената.

Интересен натпревар со многу возбудувања одиграа ПСЖ и Барселона, дуелот заврши нерешено 2-2.

ПСЖ имаше одличен старт на натпреварот, создаде неколку можности а најблиску до погодок беше Лавеци кој ја погоди стативата.

Во 38. минута фантастичен пас на Дани Алвеш до Меси, Аргентинецот реализира за водство на Барселона од 1-0.

Пред крајот на полувремето Меси се повреди и беше заменет, на негово место во вториот дел влезе Фабрегас.

Во 79. минута Тиаго Силва со глава ја погоди стативата, топката дојде до Ибрахимовиќ кој ја смести во мрежата на Валдес.

Грешка на судијата, погодокот на Ибрахимовиќ беше постигнат од офсајд позиција.

Во 88. минута Алексис Санчез безпотребно беше фаулиран од голманот на ПСЖ, Сиригу, судијата покажа на белата точка.

Чави реализираше и донесе ново водство на Барселона, Каталонците поведоа со 2-1.

Кога се чинеше дека со победа ќе си заминат од Париз, Матуиди во 93. минута постигна среќен погодок за конечни 2-2.

Текстот е објавенво соработка со 24Фудбал.

- Реклама -