6 години по Фукушима: Што прави Јапонија?

Поминаа шест години од нуклеарната катастрофа во Фукушима на 11 март 2011 година, но Јапонија сé уште ги трпи последиците.

Деконтаминацијата и расклопувањето на оштетената нуклеарна централа поставува досега невидени технички предизвици. Повеќе од 100.000 луѓе беа евакуирани, но само 13% се вратија дома, и покрај убедувањата од владата дека е враќањето во евакуираните зони е безбедно.

Кон крајот на 2016-та, владата ги процени вкупните трошоци од нуклеарната несреќа на околу 22 трилиони јени т.е. околу 188 милијарди американски долари. Таквата сума е двојно поголема од претходните проценки. Во меѓувреме, владата развива план со кој потрошувачите и граѓаните ќе сносат дел од материјалните штети на свој грб – преку повисоки сметки за струја, даноци, или и двете.

Јапонската јавност изгуби доверба во регулацијата на нуклеарната безбедност, и мнозинството е за откажување од нуклеарната енергија. Сепак, моменталните полиси на Јапонија околу електричната енергија подразбираат удел и од нуклеарната енергија. За да продолжи напред, Јапонија мора да изнајде нов начин на донесување одлуки околу својата енергетска иднина.

Може ли Јапонија без нуклеарна енергија?

Кога земјотресот, и по него цунамито, ја погодија Јапонија во 2011-та, земјата имаше 54 оперативни нуклеарни реактори, кои произведуваа околу една-третина од електричната енергија. По топењата во Фукушима, Јапонците ги изгасија 50-те исправни реактори еден по еден. Во 2012-та, владата на тогашниот премиер Јошихико Нода објави дека ќе се обиде да ја исфрли од употреба целата нуклеарна енергија најдоцна до 2040-та година, до кога на постоечките нуклеарни централи ќе им истече 40-годишната дозвола за работење (т.е. „рокот на траење“).

Меѓутоа, сегашниот премиер Шинѕо Абе, кој ја презема функцијата на крајот на 2012-та. вели дека Јапонија „не може“ без нуклеарна енергија. Три реактори повторно почнаа со работа, макар што под нови стандарди воведени од Јапонското тело за нуклеарна регулација, формирано по хаваријата во Фукушима, во 2012-та година. Од тие три реактори, еден беше исклучен заради легалните пречки од разните граѓански здруженија. Други 21 апликации за рестарт се во фаза на разгледување.

Во април 2014-та, јапонската влада го објави својот прв пост-Фукушима стратешки енергетски план, во кој се инсистира на продолжување на работата на некои нуклеарни централи, како основен извор на енергија. Но во планот не е исклучена изградба на нови нуклеарни централи. Министерството за економија, трговија и индустрија (METI), кое исто така е одговорно и за националната енергетска стратегија, предлага дека до 2030-та, 20 до 22% од вкупната електрична енергија на Јапонија треба да доаѓа од нуклеарни централи.

Во меѓувреме, благодарение на големите напори за заштеда на енергија и поголема ефикасност, вкупната побарувачка за електрична енергија опаѓа, и тоа уште од 2011-та година. Дури и без нуклеарни централи, Јапонија не се соочи со недостаток на енергија. Цената од друга страна, порасна за повеќе од 20% во 2012-та и 2013-та година, но потоа се стабилизираше, па дури и почна благо да опаѓа. Пред сé, тоа се должи на тоа што потрошувачите ја намалија употребата на фосилни горива.

Јапонскиот Закон за основна енергија бара владата да објавува стратешки енергетски план на секои 3 години. Така, новата дебата по тоа прашање се очекува да почне годинава.

Недоверба кај јавноста 

Најголемиот предизвик за нуклеарната индустрија и полиси-мејкерите, е секако недовербата кај јапонското население, која останува на ниско ниво дури и 6 години по хаваријата.

Во анкета од 2015-та година, спроведена од про-нуклеарно ориентираната Japan Atomic Energy Relations Organization, 47.9% од испитаниците рекле дека нуклеарната енергија треба да биде искоренета постепено, а 14.8% дека тоа треба да се направи веднаш. Само 10.1% рекле дека треба да се продолжи со нуклеарна енергија, а само 1.7% одговориле дека треба да се зголеми производството на истата.

Анкетата спроведена од весникот Asahi Shimbun во 2016-та година, пак, е уште понегативна. 57% од јавноста е против рестартирање на постоечките нуклеарни централи, дури и ако ги задоволуваат новите регулативи. 73% поддржуваат постепено одрекување од нуклеарната енергија, а 14% инсистираат на итно гасење на сите нуклеарни централи.

Во меѓувреме, кој треба да плати за чистење на Фукушима?

Проценката на METI од 22 трилиони јени за тоталните штети од топењето на реакторите во Фукушима, е еквивалент на околу една-петина од јапонскиот годишен буџет. Околу 40% од оваа сума ја покриваат деконтаминацијата на оштетените нуклеарни реактори. Другите 40% одат за компензирање на трошоците, а остатокот оди за деконтаминација и обесштетување на афектираните области и жители.

Според специјалната финансиска шема утврдена по хаваријата во Фукушима, за трошоците за чистење и деконтаминација треба да плати Tepco – компанијата одговорна за инцидентот, помогната од владата. Сепак, со постојаниот раст на проценките за тоталната штета (како што веќе рековме, последната е дупло повисока од претходната), владата предложи Tepco да покрие околу 70% од штетата, другите компании за електрична енергија да придонесат со 20%, а остатокот да го платат даночните обврзници, т.е. граѓаните.

Очекувано, одлуката предизвика критицизам и од експертите, и од потрошувачите. Во анкетата од 2016-та спроведена од бизнис-весникот Nihon Keizai Shimbun, една третина од испитаниците (најголемиот дел од нив) велат дека Tepco треба да ја сноси целата одговорност и да плати за сите трошоци и штети, и притоа да нема никакви зголемувања во сметките за струја. Без подобра транспарентност и поодговорно однесување, владата ќе има голем проблем да ја убеди јавноста дека треба да учествува во покривање на штетите.

Потрошеното гориво и издвоениот плутониум

Друг предизвик со кој се соочуваат нуклеарните оператори и владата, е тоа што мораат да најдат безбедни начини за менаџирање на растечките „залихи“ од радиоактивно нуклеарно гориво и употребливиот од него издвоен плутониум.

На крајот на 2016-та, Јапонија имаше 14.000 тони употребено нуклеарно гориво складирано во нуклеарните централи, исполнувајќи 70% од вкупниот складирачки капацитет на земјата. Согласно владината полиса, тоа употребено гориво мора да се репроцесира, и од него да се извлече употребливиот плутониум и ураниум. Но резервоарот во Рокашо – единствената фабрика за репроцесирање на радуоактивно употребено гориво, е речиси полна, а планираното привремено складиште во Муцу сé уште не започнало со работа.

Најдобрата опција би била да се премести искористеното гориво во таканаречените „dry cask“ складови, кои за разлика од реакторите, ги преживејаа земјотресот и цунамито во 2011-та. Таквото складирање наголемо се користи во многу од земјите, но во Јапонија е достапно само во неколку нуклеарни локации. Многумина сметаат дека зголемувањето на таквиот капацитет, и наоѓање на кандидат локација за конечно ослободување од употребеното гориво – се итни приоритети.

Јапонија исто така располага и со 48 тони издвоен плутониум, од кои 10.8 тона се складирани во Јапонија, а 37.1 тон во Франција и Велика Британија. Само еден тон издвоен плутониум е доволен материјал за повеќе од 120 сирови нуклеарни оружја.

Многу земји беа и се загрижени околу плановите на Јапонија да издвојува и складира плутониум. Кина, на пример, се плаѓи дека Јапонија може да го искористи материјалот за брзо производство на нуклеарни оружја. А сега, кога Јапонија има само два нуклеарни реактори во употреба, и иднината на нуклеарната енергија ѝ е несигурна, има уште помалку смисла Јапонија да продолжи да издвојува плутониум. Продолжување со таквата пракса може да ги зголеми безбедносните ризици и регионалните тензии, и може да иницира „плутониумска трка“ во регионот.

Тацуџиро Сузуки – професор и директор на Research Center for Nuclear Weapons Abolition на универзитетот во Нагасаки, одблизу ги следи одлуките, и во и надвор од јапонската влада. Вели дека промените во овој сектор не се случуваат брзо, но дека владата на Абе мора да се насочи кон фундаментални промени во поглед на нуклеарната енергија и нуклеарните полиси, пред сé за да ја врати довербата на јавноста кон овој вид извор на енергија. Останување на моменталниов пат, според него, може да ја разниша економската и политичката сигурност на Јапонија. Највисок приоритет, сепак, останува тоа да се има национална дебата, и темелна проценка на состојбата и јапонските нуклеарни регулативи.

Рекордна радијација

На почетокот на годинава, во нуклеарната централа е регистрирана највиска радијација од земјотресот и цунамито во 2011-та па наваму. Откритието веројатно ќе важи одложување на обидите за расклопување на централата, и веројатно уште повеќе ќе ги зголеми трошоците за декомисија и деконтаминација. Деталите ги има Дојче Веле.

 

- Реклама -