Домашни спа третмани за зимскиот период

На прагот од уште еден студен месец ќе констатираме дека помалку сонце значи и помалку енергија.

Недостатокот на светлина и топлина најчесто е главниот виновник за депресивното расположение кое не демне во зимските денови, но и за убавината на нашата кожа и коса.

Дека со нетрпение ја очекувате пролетта, тоа е повеќе од јасно, затоа ние ви предлагаме неколку идеи за спа третмани во домашни услови кои ќе ви го олеснат чекањето на поведрите моменти!

spa

Зборот спа потекнува од латинскиот израз „sanus per aquam” што во буквален превод би значело здравје од водата.

Се што е потребно е секојдневно да издвојувате по еден час од вашето време, со цел да направите нешто корисно за вашето тело и дух.

Спа бања

Наполнете ја кадата со топла вода во која ќе додадете миризлива купка и/или сол за капење, неколку капки етерично масло со ориентален мирис и неколку лажичиња сода бикарбона која има детоксирачко дејство врз вашето тело. Можете да додадете и парчиња исечкан лимон или портокал со кои ќе ги истриете грубите делови на телото, како што се колениците, лактите и стапалата.

elegant-interior-design-spa-bathroom

Следниот дел од спа процедурата е пилингот на кожата со помош на кој се отстрануваат мртвите клетки од површината на кожата. Направете смеса од мед и кафеав шеќер и истријте го телото.

Резултатот е регенерирана, нежна и сјајна кожа и пријатно чувство на целото тело. Процедурата завршете ја со наизменично туширање со топла и ладна вода, а по туширањето на целото тело, со лесни масирачки движења, нанесете хидратантна крема.

Дополнете го амбиентот со миризливи свеќи чија арома дополнително ќе ве релаксира и пуштете ја омилената музика. По топлата бања облечете се удобно, сварете си чај со рум и земете ја омилената книга или списание.

Спа за лице

Во сад со зовриена вода додадете неколку кесички чај од липа, камилица и јаболко и цимет и неколку капки свежо исцеден сок од лимон. Доближете го лицето до пареата и покријте се со памучна крпа.

spa_FaceMask1

Откако порите ќе се отворат нанесете маска од една лажичка мед и една белка од јајце. Затворете ги очите и обидете се да се опуштите за време на дејството на маската. Откако ќе ја измиете маската со топла вода во кожата втријте крема во која ќе додадете неколку капки бадемово масло.

Кожата ќе ви биде благодарна за овие ритуали, а аромата ќе ги разгали сите ваши сетила.

Совети плус за вашата убавина во зимскиот период

Не излегувајте од дома без заштитен балзам за усни и хидратантна крема на рацете.

Маската или регенераторот за коса најдобро е да го нанесувате вечерта пред спиење, а утредента да ја миете косата.

Haarmasker1

Во шампонот за миење додадете неколку апчиња – витамин А, Е, Б-комплекс, кои претходно ќе ги истолчите. Можете да додадете и сода бикарбона.

Пред легнување дланките и стапалата намачкајте ги со дебел слој вазелин или глицеринска крема, а потоа облечете памучни чорапи и ракавици и оставете да делуваат во текот на ноќта.

Замрзнете коцки исцеден сок од лимон или сварен чај од липа и секое утро масирајте ја кожата на лицето и вратот со ледената коцка.

 

- Реклама -