Мирисот на Старата скопска чаршија

Доколку одамна не сте ја посетиле чаршијата а имате слободно време, топло ви препорачуваме да го направите тоа. Без разлика дали станува збор за дневна или ноќна прошетка, ве уверуваме дека нема да зажалите.

После долго време, конечно може да се каже дека Старата чаршија во целост дише слободно. Ослободена од сите оние стеги и стереотипи во чија сенка живееше долги години, повторно се слуша џагорот на младите и музиката од клубовите до раните утрински часови.

Сериозно, доколку спаѓате во малкумината кои се уште мислат дека чаршијата претставува опасно место за движење, сте во голема заблуда, а воедно и загуба. Зошто? Бидејќи Старата скопска чаршија е едно од најживописните и најинспиративните места во Скопје. Речиси сите туристи кои прошетале некогаш по сокаците на нашиот град, го посочиле токму ова катче како највпечатливо и најубаво од сите.

Едноставно има некаква чудна енергија која тлее во ова старо градско јадро.

Приказната за чаршијата започнува уште пред многу векови. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на ова место потекнуваат од 12 век. Чаршијата претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Но, и покрај претрпените штети, таа претставува единствен споменик на културата во Македонија, во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.

Нејзината стара отоманска архитектура, е една од ретките преживеани автентични белези на градот кои не го сменија својот изглед во бранот на развој, новоградби и урбани експерименти.

Во чаршијата се наоѓаат најголемиот број на џамии, турски бањи, амами, музеи и галерии, продавници за сувенири, занаетчиски работилници, архитектура сочувана од минатото. Таа е дел од мозаикот на времето, во која се пренесуваат културата, традицијата и историјата на едно постоење и живеење.

Прекрасен мирис од зачини ве маѓепсува и намамува да се упатите кон гостилниците кои нудат изобилство од различни вкусови што настануваат како резултат на нејзиниот мултинационален карактер. Ова е местото каде доколку сте гладни, што и да одберете, нема да погрешите. Бурек, ќебапи, лахмаџун, ориентални слатки, леблебија, салеп или пак свежа лимонада.

Тука можете да пронајдете прекрасни рачно изработени шапки, раскошни филиграни, чанти и обувки. Некогаш, да бидеш сопственик на дуќан во чаршијата претставувало признание за угледен статус во градското општество, а денес, синоним за урбан човек.

Доколку сте порасположени за ноќно излегување, повторно упатете се кон „другата“ страна на Камениот мост, и добриот провод ќе ви биде загарантиран. Изборот е голем: Галерија 8, Капан Ан, Темов, Дамар, Пивница, Ла Кања, Менада, Њу Орлеанс… Потполно исправување на долгогодишната крива слика за чаршијата, која денеска повторно претставува центар на културните збиднувања и ноќниот живот во Скопје.

Ова место има нешто што го прави да биде поинакво од другите. Некој чуден шарм кој никого не остава рамнодушен, мали места и сокаци со голема душа кои пленат и освојуваат.

Не за џабе на најголемиот број разгледници од нашиот главен град, се наоѓаат фотографии токму од неа, од Старата скопска чаршија.

[youtube]http://www.youtube.com/watch?v=kzjtchqiEIk[/youtube]

 

- Реклама -