Ново патешествие на ракометарите, проблеми со транспортот

Македонската ракометна репрезентација има ново патешествие како дел од овој светски шампионат, откако се искомпликува и ситуацијата околу транспортот на „црвено-жолтите“ од Севилја кон Барселона. Како што претходно беше објавено, поради изолираноста на аеродромот во Севилја челниците на ИХФ донесоа одлука сите репрезентации да патуваат кон своите следни дестинации со експресните возови, наместо со авион.

Сепак, работата се искомпликува откако денеска во утринските часови дојде до невреме во поголемиот дел од Шпанија. Поради тоа накратко беа стопирани сите летови од аеродромот во Севилја, но исто така беа стопирани и железничките линии низ оваа земја. Ситуацијата во меѓувреме се стабилизираше, па возот со нашите репрезентативци тргна од Севилја кон Барселона околу 11.30 часот, со задоцнување од два и пол часа.

Овие нови компликации дополнително ќе ги нарушат подготовките за клучниот осминафинален дуел со Германија, со оглед на фактот дека патувањето до Барселона трае околу пет и пол часа, па „црвено-жолтите“ ќе пристигнат во каталонската престолнина околу 17 часот. Селекторот Шундовски на прес-конференцијата вчера најави дека ќе побара да одржи барем еден тренинг во салата „Сан Жорди“, но тешко е да се поверува дека сега тоа ќе може да се случи поради доцното пристигнување во Барселона. Во прилог на Германците оди и фактот дека оваа селекција својот последен меч во групата го играше во Барселона, па може максимално да се подготвки за дуелот со нашиот национален тим.

- Реклама -