Bergmonch, револуција на искачувањето планини

Луѓето отсекогаш имале потреба да се искачат на највисоките планини, но симнувањето е малку здодевно.

Спуштање по карпест терен не е баш најпријатно за нашите зглобови, што води до стрес и повреди а некогаш и не се исплати за трудот. Но спуштање со велосипед или друг тип на транспортно возило дефинитивно е одлично искуство полно со адреналин – проблемот е како да го однесете велосипедот до врвот.

Но сега холандска компанија го создала совршеното решение. KOGA го развиле Bergmonch, ранец со интегриран скутер кој овозможува лесно спуштање по планината. Производителот вели дека отсуството на седиште и тркалата со различна големина ги подобруваат управувањето и безбедноста.

Откако ќе се спуштите од планината, скутерот повторно станува ранец од 9 килограми за само две минути. Компанијата се надева да ги привлече помладите планинари со привлечно транспортно средство кое не пречи за време на искачувањето.

Тие посочуваат на студиите кои покажуваат дека 67 проценти од сите планинари страдаат од проблеми со колената и зглобовите предизвикани од спуштањето – при симнувањето по удолнина нашите зглобови мораат да се справат со неколку пати зголемена телесна тежина.

Bergmonch, што во превод значи „Планински Монах“, може да се користи на планински патеки но и на порамни велосипедски патеки. Според производителот, овој скутер е одличен за поминување големи растојанија без напор. Сепак, она што е добро за вашите зглобови и мускули не е баш најдобро за вашиот паричник – цената на Bergmonch е околу 1.500 евра.

- Реклама -