Израел го отфрла „подлиот“ обид да му се негира правото да се брани и ќе ја продолжи борбата против Хамас, најави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во која Ерусалим се повикува да преземе мерки за да спречи геноциден чин против Палестинците.
„Посветеноста на Израел кон меѓународното право е непоколеблива. Исто така е непоколеблива и нашата света посветеност да ја продолжиме одбраната на нашата земја и нашиот народ“, објави Нетанјаху на англиски.
„Подлиот обид да му се негира на Израел тоа фундаментално право е очигледна дискриминација на еврејската држава и со право е отфрлено. Обвинението за геноцид против Израел не само што е лажно, туку е и претерано и пристојни луѓе насекаде ќе го отфрлат“, рече Нетанјаху.
Означувајќи го Хамас како геноцидна организација, израелскиот лидер тврди дека Израел води војна против „терористите, а не против палестинскиот народ“ и додаде дека Хамас се заколнал дека ќе ги повтори „злосторствата“ извршени на 7 октомври.
Нетанјаху, исто така, најави дека и покрај војната, Израел ќе продолжи да ја олеснува испораката на хуманитарна помош и ќе направи се што е можно да не им наштети на цивилите дури и ако Хамас ги користи како жив штит.
Канцеларијата на Нетанјаху, исто така, објави соопштение на хебрејски за одлуката на судот и наведе дека Израел води праведна војна „против монструмите на Хамас кои убиваа, обезглавија и киднапираа израелски граѓани“, објавија израелските медиуми.
„Самото тврдење дека Израел врши геноцид врз Палестинците не само што е лажно, туку е претерано, а подготвеноста на судот да го разгледа е знак на срам што нема да биде избришан со векови“, рече Нетанјаху и најави борба за целосна победа над Хамас, враќање на сите затвореници, борба се додека Газа повеќе не е закана за Израел.