379 хоспитализирани од Ковид-19: Капацитети има, но медицинскиот персонал е преморен, вели Филипче

Фото: Внатрешноста на модуларната болница, донација од Швајцарската амбасада

До утрово, во болниците низ целата држава се хоспитализирани вкупно 379 пациенти од Ковид-19, односно 13% од вкупниот број на активни случаи на кои им е дијагностициран коронавирус. Останатите 87% се или на домашно лекување, или немаат симптоми, информираше министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 13 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 106 пациенти. На кислородна поддршка се 49 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во монтажната болница се хоспитализирани 11 пациенти, а во болницата во Козле еден возрасен пациент.

До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 12 нови, а вкупно хоспитализирани 132 пациенти. На респираторна машина се 6 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 33 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 20 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 76 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.

До вчера, бројот на хоспитализирани лица од Ковид-19, во целата држава, изнесуваше 362. Ден порано, до саботата, хоспитализирани беа 364. До петокот, бројот изнесуваше 346, а претходно 337, 328, 332 и 318 заклучно до понеделник.

Како што истакна Филипче, болнички капацитети сѐ уште има доволно. Во болницата во Битола, на одделот кој сега се користи, има уште 5 слободни кревети, со потенцијал да се ослободат уште повеќе спратови за овој вид пациенти. Слободни места има и во Охрид и Куманово, како и во Гостивар – 9 слободни кревети, во Прилеп – 10, во Штип – 12. Во модуларната (монтажната) болница има уште 60-тина слободни кревети, а во детската болница во Козле има само еден возрасен пациент и практично целосно е ослободена.

И покрај доволните капацитети, дел од медицинскиот персонал е навистина преморен, истакна Филипче. Тој рече дека постојано се работи на реорганизација и ротација на медицинските работници со цел на пациентите да им се укаже соодветната грижа и оцени дека овој систем сѐ уште добро функционира и може да се одржи. Сепак, министерот повторно апелираше да се почитуваат мерките, бидејќи, како што истакна, без помош од граѓаните, медицинскиот сектор нема да може да го издржи тоа темпо.

 

- Реклама -