Генијалната причина зошто Симпсонови се жолти

Хумористичната анимирана серија „Симпсонови“ беше премиерно прикажана во 1989 година и оттогаш е незаменлив елемент на поп-културата дури и во светски рамки. Симпсонови освоија дури 34 Еми награди, а се сметаат и за една од најдолгите телевизиски серии на сите времиња.

Анимираната серија создадена од Мет Гронинг на сатиричен начин го прикажува животот на едно просечно американско семејство, претставено од семејството Симпсон во фиктивниот Спрингфилд. Покрај интересните заплети, исклучителниот хумор и бизарната спобосност некогаш да „предвидат“ големи светски настани, Симпсонови се препознатливи и по впечатливиот изглед на анимираните ликови, кои лесно се препознаваат по нивната жолта боја на кожата.

Во интервју за BBC во 2007, Гронинг откри зошто е тоа така.

„Тие се жолти бидејќи при изборот на боите за серијата не сакав да ги користам вообичаените бои од анимираните шоуа. Аниматорот дојде до мене и ми ја покажа жолтата боја и штом ја видов реков: ‘Ова е решението!’“, откри Гронинг, навестувајќи дека токму и препознатливоста била дел од планот.

„Кога со далечинското ќе листате ТВ програми и за момент ќе видите жолта боја, ќе знаете дека ги гледате Симпсонови“, изјави креаторот на култната серија.

Според Screen Rant, Гронинг за време на снимањето на документарниот филм My Wasted Life изјавил дека бојата на ликовите има и симболично значење. Имено, жолтата боја „изгледа како нешто да не е во ред со вашиот телевизор“, што е „соодветно за Симпсонови во симболична смисла“.

„Симпсонови се обидуваат да бидат нормални, но никогаш не успеваат; нивната абнормалност е причината поради која се толку смешни“, додава Гронинг.

- Реклама -