Бомгартнер: Францускиот предлог не е совршен, но е најдобриот можен, патот по кој треба да се чекори е тој кон ЕУ

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер вечерва на одбележувањето на 30 години од дипломатските односи на земјава со Франција, порача дека патот по кој треба да се чекори е оној кон Европската Унија.

„Патот по кој треба да се чекори е тој кон оваа Унија, каде што Ве чекаме, каде што се надеваме на Вас, каде што Ве посакуваме“, рече Бомгартнер на македонски јазик.

Францускиот предлог, вели, не е совршен, но е најдобриот можен.

„Како и секој компромис и како и самиот живот, овој предлог не е совршен. Но, тој е најдобриот можен. Оној кој е на маса и кој почитувајќи го македонскиот идентитет, повторно ги отвора европските перспективи на земјата. Во јули минатата година се одржа меѓувладина конференција на која се чекаше 15 години“, рече Бомгартнер, меѓу другото, во своето обраќање.

- Реклама -