Мицкоски до Груевски: Те разбирам но не те оправдувам… за Македонија договори под маса не смее да има

Откако актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за германски ФАЦ, изјави дека екс-премиерот и негов претходник Никола Груевски е во тајна комуникација со владата, која подготвува „валкан дил“ во кој тој би бил вклучен за да помогне да поминат уставните измени и потоа и да се подели ВМРО-ДПМНЕ, Груевски на Фејсбук јавно го праша да ја потврди таквата изјава и, ако навистина тоа го рекол, јавно да покаже докази дека Груевски прифатил таква зделка и дека прави било што да ја подели партијата. Денеска Мицкоски, исто така преку Фејсбук, му одговори на Груевски, но не онака како што побара азилантот во Унгарија.

„Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам“, му вели Мицкоски на Груевски.

„Нема потреба од дијалог преку медиуми, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин:

Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане сè подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот нè бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018та, ова е друго време.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Како велеше, ‘вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе’, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“, пишува Мицкоски.

- Реклама -