Бугарија, заедно со НАТО, бара начин за да се справи со руската блокада на нејзината економска зона во Црно Море

Бугарија соопшти дека разговора со сојузниците во НАТО за начините како да се справи со континуираната делумна блокада на бугарската ексклузивна економска зона на Црното Море од страна на Русија.

– Бугарија разговара за одговор на овие провокации и независно и со нашите сојузници во НАТО, изјавил бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев за „Еурактив“.

Тагарев информира дека поради воени вежби во Црното Море, Русија прогласила дел од бугарската црноморска економска зона за затворено подрачје за движење на бродови до крајот на септември, што, според него, Софија го смета за провокација.

– Овие води се дел од државната територија. Напад во територијалното море може да се смета како напад врз Република Бугарија и НАТО во целина, соопшти бугарското Министерство за одбрана, додавајќи дека воените морнарици на Бугарија, Романија и Турција ја зголемиле својата будност и продолжуваат да се грижат за безбедноста на трговските бродови кои пловат низ Црното Море.

Според Министерството, дополнителни мерки за гарантирање на безбедноста на бродовите во економските зони може да се преземат „само со акција на НАТО, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и меѓународното поморско право и во координација со другите партнери во регионот“.

Согласно бугарскиот Закон за поморски пространства и важечките меѓународни правни норми, трговските бродови имаат право на премин низ територијалното море на која било земја, без разлика под чие знаме пловат.

Минатата недела бугарската Влада најави дека одвоила 20 милиони евра за набавка на проектили и торпеда за опремување на нејзините воени бродови во Црното Море. Дополнително, Софија е заинтересирана за итна набавка на ракетни системи РБС-15 за крајбрежната стража од шведската компанија „Сааб“.

МИА

- Реклама -