Камчев на црната листа на САД, санкциите ќе влијаат и на оние кои имаат бизнис со него – вели Агелер

Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави го означи бизнисменот Орце Камчев за корупција, поткуп, перење пари и други кривични дела.

„Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) назначи едно лице, Јордан ‘Орце’ Камчев, во Северна Македонија во согласност со Извршната наредба (E.O.) 14033. Денешното назначување ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите држави да промовираат одговорност за поединци и субјекти кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување“, стои во соопштението од министерството.

Според нив, Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и македонските граѓани.

Во нивното соопштение се споменува и случајот „Плацови на Водно“ во кој Камчев е обвинет за перење на пари, а се наведува и признанието на вина на Камчев во случајот „Империја“ во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.

„Дополнително, Камчев го искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други лица, тврдејќи дека тие го изнудувале. Основниот граѓански суд Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се дополнува во соопштението.

Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, на својот Фејсбук профил објави дека овие санкции не влијаат само на имотот на Камчев, туку и на оние кои имаат бизнис со него.

„САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици“, напиша Агелер.

САД неодамна го ставија на црна листа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за вклученост во корупција.

Извор: МИА

- Реклама -