Условот на ВМРО-ДПМНЕ е во спротивност со преговарачката рамка, вели Таравари

„Условот на македонската опозиција за суспензивни уставни измени е неостварлив, бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ“, истакна денеска лидерот на Алијанса за албанците – Арбен Таравари, според кого, измените на Уставот треба да стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција.

Конечниот став на партијата ќе биде познат до крајот на неделата, кога ќе се состане партиското раководство, нагласи тој на прес-конференцијата во седиштето на партискиот огранок во Гостивар.

Гостиварскиот градоначалник истакна и дека размената на понуди и контрапонуди за уставните измени меѓу двете најголеми македонски партии, „директно влијае и на интересот на Албанците“.

„Алијансата за Албанците внимателно ја анализира новонастанатата состојба и до крајот на неделата ќе одржиме состанок на раководството на партијата по што ќе излеземе со усогласен став во партиските органи“, рече Таравари.

Тој ја поздрави „волјата на опозицијата да гласа за измените“, но оцени дека поставените услови се „конфузни“ и „надвор од реалноста“.

„Нашата преговарачка рамка одобрена од 27-те земји-членки на ЕУ експлицитно го условува отворањето на преговорите со усвојување на уставните измени. Значи, прво усвојување на уставните измени, а потоа отворање на преговорите“, додаде лидерот на Алијанса за Албанците.

Во однос на условот на ВМРО-ДПМНЕ за „излез на албански партии од владата“ (иако ВМРО-ДПМНЕ бара излез само на ДУИ), Таравари најави подготвеност и на Алијанса за Албанците да ја напушти владата, бидејќи на партијата, како што рече, ѝ е поважно комплетирањето на европскиот процес – како интерес и перспектива за граѓаните, а не изборните калкулации на некоја политичка партија.

„Алијансата за Албанците реши да влезе во Владата заради процесот, но ќе се адаптира во зависност од новите околности, дали во Владата или надвор од неа. За нас е важно само завршувањето на процесот и ќе дадеме свој придонес, без услови и без уцени“, рече Таравари, но истовремено посочи и дека една од главните цели во делувањето на неговата партија ќе биде барањето за отстранување на формулацијата „20 проценти“ која, според него, го негира албанскиот идентитет, и воведување на албанскиот јазик во Уставот. Според него, дојден е моментот за таа промена.

Извор: МИА

- Реклама -