Ковачевски од Плаошник: Убеден сум дека Климент, Мисирков, Конески, Рацин… денес би биле горди на нас

„Избравме годинава да го чествуваме 24 мај овде на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет, затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет“, рече премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост на Плаошник по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

„Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ“, рече Ковачевски во обраќањето.

Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, посочи премиерот, Свети Климент Охридски, токму овде во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри од каде се шири словенската писменост.

„Ракописи од Охридската школа денес се наоѓаат во речиси сите позначајни светски библиотеки и установи. Еден од наследнитеците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик – Крсте Петков Мисирков, вели, ‘за среќа има македонска национална култура и историја’ и тоа е факт кој го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во негова борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи. И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници – Мисирков, Конески, како и Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин, денес би биле подеднакво горди со сите нас. Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик – јазикот е нашата целокупна татковина“, рече Ковачевски.

Но, Конески предупредува и дека од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не, посочи премиерот, оценувајќи дека ние нашата јазична средина сме ја заштитиле „преку тешки државнички и храбри одлуки, какви што доликуваат на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато“.

„Со овие одлуки најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со ЕУ минатата година. Силно сме посветени да го изопдиме овој европски пат, да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука дома. Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина“, истакна Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -