Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со безбедносни сертификати бараат од Ковачевски да им го достави Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д

Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати денеска упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски до нив да го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие, како претставници на граѓаните, бараат во најкус можен рок да им биде доставен Договорот и дека тоа го засниваат врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата. Премиерот Ковачевски, кажа тој, потврди дека овој договор има одреден степен на доверливост.

„Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд, што е кривично дело“, рече Милошоски.

Кога станува збор за буџетските трошења, според него, Договорот треба да биде јавно достапен за јавноста и таа да биде сигурна дека овој проект е од јавен интерес, а не од интерес на поединци, кои би имале одреден процент или провизија.

Милошоски рече заедно со барањето до премиерот се испратени и сериските броеви на нивните безбедносни сертификати за да може да го добијат Договорот.

„Не сакаме во Собранието да играме мачка во вреќа односно да гласаат за измена на закони кои се однесуваат на Договорот, а Договорот да се држи во тајност“, рече пратеникот Милошоски, додавајќи дека за измена на осум закони потребно е пратениците да го знаат самиот договор.

Пратеникот рече дека доколку премиерот не го доставува договорот до јавноста и медиумите, тогаш нека го достави до пратениците со безбедносни сертификати.

„Да видиме дали државата е потчинета. Сакаме да видиме исто така кој суд е надлежен во случај на спор помеѓу двете страни, кои цени се утврдени за градежните материјали и дали сите цени се утврдени или некаде се оставени отворени. Накратко граѓаните и пратениците имаат право да знаат како се трошат даночните средства од државниот буџет“, вели Милошоски.

Доколку не го добијат Договорот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе продолжат со притисоци до Владата, но исто така и дека е сигурен дека Договорот нема да остане уште долго време во тајност „зашто има и совесни административци кои се обидуваат на одреден начин да објавуваат дел од овој договор“.

„Мислам дека можно е тој тренд да продолжи“, смета Милошоски.

Запрашан за тоа кога ќе почнат со работа комисиите чии претстедатели се од ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот кажа дека нивен план е тоа да биде по добивањето на Договорот, но исто така рече и дека планот им е долго да говорат на седниците најавувајќи и бројни амандмани.

МИА

- Реклама -