„Левица“ поднесе кривична пријава против Пендиков – секретарот на забранетото здружение „Цар Борис III“

Политичката партија „Левица“, до Основното јавно обвинителство – Охрид, поднела кривична пријава против Христијан Пендиков, генералниот секретар на, како што велат, „неофашистичкото здружение“ „Цар Борис III“.

Како што информираат од охридскиот огранок на партијата, Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дал лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Според нив, пријавениот во контроверзното интервју ги изнел познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден ист народ”.

„Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална ОМРАЗА и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност“, стои во образложението од „Левица“.

Според тоа, пријавениот се терети дека извршил стек на кривични дела: „Повреда на угледот на Републиката“ – казниво по чл. 178 од КЗ; „Излагање на подбив на македонскиот народ“ – казниво по чл. 179 од КЗ, како и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ – казниво по член 319 став 1 од законот.

„Доколку се воспостави практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредноста на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат сериозни и несогледливи штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина“, додаваат од партијата.

- Реклама -