Украина ги повикува странските пилоти кои знаат да управуваат со американски „Ф-16“ да се борат против Русија

Министерот за одбрана на Украина, Алексеј Резников, ги повика странските пилоти и специјалисти да се приклучат на одбраната на Украина.

Резников го упати овој апел за време на заедничкиот брифинг за новинарите со неговиот дански колега Троелс Лунд Поулсен во прес-центарот во Одеса, пренесува украинската новинска агенција Униан.

„Овој повик е упатен до пилотите. Доколку има пилоти кои знаат да летаат со борбени авиони Ф-16 и се подготвени да учествуваат (во војната), ние сме подготвени да им ја отвориме вратата“, рече Резников.

Засега, САД одбиваат да испорачаат борбени авиони Ф-16 на Украина. Американскиот претседател Џозеф Бајден за време на посетата на Киев изјави дека на Украина сè уште не ѝ се потребни авиони бидејќи, како што истакна, САД во моментов им обезбедуваат на украинските вооружени сили и друго важно оружје.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изрази уверување дека на Украинците на бојното поле во моментов им е потребна воздушна одбрана со долг дострел и оцени дека повеќенаменскиот борбен авион Ф-16 нема да ѝ помогне на Украина во оваа фаза од војната.

МИА

- Реклама -