Притисоци, закани, но и понуди (за неа, но и за внук ѝ) добивала Русковска за да се откаже од истрагата за Рашковски

Предлогот за нејзино разрешување од позицијата шеф на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција е резултат на истрагата што таа ја отворила против тогашниот генерален секретар во Владата на Зоран Заев – Драги Рашковски, вели обвинителката Вилма Русковска.

Во интервју на ТВ „Телма“, Русковска рече дека имала притисоци и закани за да се откаже од шефовското место во ОЈО-ГОКК, но добивала и понуди. Понудено ѝ било, за возврат, да стане заменик државен обвинител.

„Кога не прифатив, го зголемија влогот. Покрај тоа, ми понудија синот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото обвинителство во Скопје“, изјави Русковска.

„Со овие понуди сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансова полиција, Арафат Муареми“, додаде обвинителката.

Таа претпоставува дека доколку прифатела, „можеби ќе требало“ и да ја повлече истрагата за Рашковски.

„Можеби и тоа беше причината, тогашниот премиер и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет“, истакна Русковска во интервјуто.

Таа потенцира дека, меѓутоа, нејзе не ѝ била важна функција или фотелја, туку сакала да постави темели за правна држава. Затоа, вели, и повторно поднела кандидатура за шеф на ОЈО-ГОКК.

„Едноставно не сфатија дека мене не ми беше важно функција и фотелја. Јас сама се изборив за позицијата шеф на обвинителството за борба против организиран криминал од причина што сакав да почнам да ставам темели на една правна држава. Сите знаеме во каква состојба беше тоа обвинителство, едноставно не немаше на мапа. И затоа не се каам што тогаш не го прифатив тој предлог“, рече Русковска во интервјуто, но одби да открие имиња.

Изјавата можете да ја погледнете ТУКА.

- Реклама -