360° анализа: Мизрахи пред бел ѕид, а старата табла без „Северна“ ѕирка од позадина (ФОТО)

Медиумите секако имаат поголема архива од настапите на Мила Царовска, напиша техничката министерка за труд и социјална политика – Рашела Мизрахи, на Фејсбук, споделувајќи неколку фотографии од прес-конференции на нејзината претходничка, со кои аргументира дека во Министерството за труд и социјална политика постои само една табла – таа без додавката „Северна“, како и дека и Царовска во 2019-та држела прес-конференции пред таа „стара“ табла.

Сепак, токму фактот што архивата на медиумите е поголема, се чини, не ѝ оди во прилог на Мизрахи. „360 степени“, по брзата анализа на споделените фотографиите од страна на техничката министерка, открива дека едната од нив датира од 2017-та година, додека другата е, да, од 2019-та, но пред да бидат изглacaни уставните измени (детали ТУКА).

Од друга страна, во своето истражување, порталот „360 степени“ наишол и на фотографија која ја прикажува Мизрахи во, може да се рече, помалку патpиотско светло од она во кое самата се прикажува деновиве. Се работи за фотографија од 9 јануари годинава, на која Мизрахи држи прес токму во салата со, како што пишува порталот, старата табла без додавката „Северна“. Само што, тогаш Мизрахи седела пред празен ѕид, додека таблата е надвор од кадарот на објективите на повеќето медиуми, а притоа е блокирана и со канцеларски мебел.

„Освен што е сѐ поблиску денот на изборите, засега не е јасно што друго се сменило за еден месец, за министерката да инсистира да седи пред таблата без додавката „Северна“, заклучува „360 степени“.

- Реклама -