Медведев: Западот го доби тоа што го заслужи

Русија го прекина учеството во новиот Договор за намалување на стратешкото вооружување „Нов СТАРТ“ како одговор на антируската политика на Вашингтон, изјави денеска заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност – Дмитриј Медведев.

„САД го добија тоа што го заслужија за својата глупава антируска политика, односно суспендирање на новиот СТАРТ. Не можете да се борите против Русија, а да изгледа дека на прашањата за стратешката стабилност се работи како и вообичаено“, напиша Медведев на Твитер на англиски.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во своето обраќање пред Сојузното собрание соопшти дека Русија го прекинува учеството во „Нов СТАРТ“, но дека не се повлекува од него.

Русија, рече тој, мора прво самата да разбере „што бараат земјите од НАТО како што се Франција и Обединетото Кралство“ и како ќе се земат предвид нивните стратешки арсенали.

„Приморан сум денеска да соопштам дека Русија го суспендира своето учество во Договорот за стратешко офанзивно оружје“, рече Путин во обраќањето, откако го обвини Западот дека ја започнал војната, но и дека директно учествувал во „обидите“ за напад на руски воздухопловни бази.

Договорот New START за ограничување на арсеналот на нуклеарно оружје беше потпишан во 2010 година од тогашните претседатели на САД и Русија – Барак Обама и Дмитриј Медведев. Договорот го ограничува бројот на нуклеарни боеви глави кои САД и Русија можат да ги распоредат. Стапи во сила во 2011 година и беше продолжен на уште пет години во 2021 година, откако актуелниот претседател на САД – Џо Бајден, ја презема функцијата шеф на државата.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

Договорот го ограничува бројот на нуклеарни боеви глави на 1550 и бројот на проектили и бомбардери со долг дострел – на 700. Истовремено, им овозможува и на САД и на Русија да вршат меѓусебни инспекции за да се сигурни дека двете страни се придржуваат до договорот. Секоја од страните може да изврши до 18 инспекции секоја година.

Сепак, инспекциите беа замрзнати во март 2020 година поради пандемијата на КОВИД и оттогаш се замрзнати. Но во денешното обраќање, Путин рече дека САД побарале да извршат инспекција, оценувајќи го таквото барање како апсурдно, со оглед дека, како што рече, тие и Западот отворено зборуваат и прават сѐ со цел стратешки пораз на Русија.

- Реклама -