По 20 години, Даравелски уапсен на граничниот премин на Табановце

Поранешниот директор на Царинска управа, во периодот од 1999 до 2002 година – Драган Даравелски, кого полицијата го бараше со меѓународна потерница, денеска бил приведен на граничниот премин „Табановце“, потврди и МВР.

„На Граничниот премин Табановце денеска е приведен Д.Д., кој се бараше со меѓународна потерница и ќе биде пренесен во надлежната казнено поправна установа“, информираа од министерството.

Како што јавија медиумите, нешто пред 15 часот Даравелски бил донесен во затворот на одлежување на казната од седум години.

Драган Даравелски е еден од најбараните бегалци од земјата, кој веќе 20 години ја избегнуваше правдата. Во 2007 година, во отсуство, беше осуден на 7 години затвор поради злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од 1999 до 2002 година, со што проневерил 2.5 милиони евра. Против него беа поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања, вклучително и за неуплатување на приходите од царините во буџетот на државата и за отуѓување возила, сопственост на царината и на други институции.

Сето ова време, Даравелски, благодарение на двојното државјанство, живееше во Србија, каде на двапати беше апсен – во 2004 и во 2016 година, но и покрај тоа сите досегашни барања за негова екстрадиција беа неуспешни. Последното Министерството за правда го испратило во мај 2020 година.

Во меѓувреме, државата му заплени луксузен имот во Скопје и дуќан во Куманово во вкупна вредност од околу 200.000 евра.

- Реклама -