Дојави за бомби утрово пристигнале и на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет училишта во Битола, информираат од МВР за МИА.
Дојава за бомба пристигнала и до средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, од каде се евакуираат учениците.
Дојави за поставени бомби, како што објави градоначалникот на Општина Гази Баба – Бобан Стефковски, има во училиштата „Григор Прличев“, „Наум Наумовски Борче“, „Крсте Мисирков“, „Кирил и Методиј“, „Крум Тошев“, „25 Мај“, „Дане Крапчев“ и „Наум Охридски“.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Апелирам на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаеви. Досега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар. Веднаш по информациите разговарав со надлежните во полициската станица од општа надлежност Гази Баба со цел веднаш да се превземат сите неопходни мерки за проверка на пристигнатите информации. Излезен сум на терен заедно со вработени од општинската администрација со цел увид на спроведувањето на протоколите за евакуација. Се ставаме целосно на располагање за безбедно згрижување на сите дечиња“, напиша Стефковски.
Според информациите на порталот „Сакамдакажам“, во Битола закани за поставени експлозивни направи има во училиштата „Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“, „Елпида Караманди“ и други.
Како што објавивме претходно, утрово дојава за бомба имаше и на Меѓународниот аеродром Скопје, поради што беа откажани сите летови.
Дојава за бомба има и во хотелот „Александар Палас“, поради што беше откажана годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која обраќање требаше да има премиерот Димитар Ковачевски, но и министрите за економија Крешник Бектеши и за финансии Фатмир Бесими. Со тоа, ова е првпат во таргетот на дојавите за бомби да се најдат политичари, и тоа високи владини функционери.
Од МВР, за МИА, ги потврдиле и дојавите за бомби во хотелот „Мериот“ на плоштадот „Македонија“, како и во трговскиот центар „Ист Гејт“, спортската сала „Борис Трајковски“. Дојава имаше и во ФФМ, од каде потврдија дека сите вработени биле евакуирани.
Според последните информации во медиумите, дојава за бомба имало и во хотелот „Сенигалија“, сместен во една од галиите на кејот на Вардар во центарот на главниот град.