Деновиве уништени се 30% отсто од украинските електрани и инфраструктура, ситуацијата е критична сега низ целата земја

Руските воздушни напади од 10 октомври наваму уништиле 30 отсто од украинските електрани и клучна инфраструктура, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски, оценувајќи ја ваквата тактика како „уште еден вид на тероризам“. Ситуацијата во Украина е „критична“, соопшти украинското претседателство.

„Ситуацијата е критична сега низ целата земја бидејќи нашите региони се зависни еден од друг… неопходно е целата земја да се подготви за прекини на струја, вода и греење“, истакна Кирило Тимошенко, заменик шеф на кабинетот на украинскиот претседател, за Украинската телевизија.

Денеска Русија продолжи со напади на инфраструктурни локации, засилувајќи ја својата кампања за уништување на енергетските и водни капацитети во Украина во пресрет на зимата.

Руските сили денеска ја таргетираа енергетската инфраструктура во северниот дел на Киев, а регистрирани се неколку експлозии во градот. Ден откако беше нападнат со дронови, во главниот град е погоден „енергетски објект“, изјавија очевидци и украински официјални лица.

„Три удари врз објект за снабдување со електрична енергија на левиот брег на Киев“, објави Тимошенко ноќеска на социјалните мрежи. Според градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко, три лица загинале во нападот.

Без струја и вода остана градот Житомир, град со 263.000 жители, тврдат украински претставници. Градоначалникот информираше дека нападите го прекинале снабдувањето со електрична енергија и вода.

Тимошенко информираше и дека две експлозии речиси уништиле енергетски објект во југоисточниот град Днепар, каде живеат речиси милион луѓе. Напади врз енергетски објекти беа пријавени и во градот Харков, што се наоѓа во близина на границата со Русија.

Прочитајте и:  Кина по зеленото светло за Украина за напади во Русија: Најитно е да се поттикне деескалација што е можно побрзо

Како што соопшти украинската служба за вонредни состојби, „во моментов 1.162 места сѐ уште се без струја“. Според портпаролот Олександер Хорунџи, од 7 октомври околу 4.000 населени места останале без струја по воздушните напади извршени од руските сили.

Во пристанишниот град Миколаев, на југот на Украина, едно лице загина откако ракета погоди станбена зграда, соопштија локалните власти. Очевидци велат дека слушнале три експлозии во раните утрински часови. Според нив, проектил целосно уништил еден дел од зграда во центарот на градот, оставајќи зад себе огромен кратер.

„Во Миколаев непријателот уништи станбена зграда со ракети С-300. Едно лице загина. Погоден е и цветен пазар. Се прашувам против што се бореле руските терористи во овие апсолутно мирни објекти“, напиша Зеленски на „Телеграм“.

Најголемиот бран на ракетни напади врз Украина од почетокот на руската инвазија следува откако Русија, на почетокот на месецов, го назначи генерал Сергеј Суровикин да раководи со „специјалната воена операција“. Руските медиуми го нарекуваат „Генерал Армагедон“ поради неговата репутација на бескрупулозност во остварувањето на целите.

Москва и натаму негира дека таргетира цивили. Во врска со најновите напади, руското Министерството за одбрана соопшти дека целеле на воената команда и енергетска инфраструктура на Украина, како и на арсенали со муниција и оружје од странско производство, со високопрецизно оружје со долг дострел, од воздух и море. Сите избрани цели, тврдат, биле погодени.

Извор: МИА

- Реклама -