Меркел: Не жалам за енергетската политика со Русија

Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, денеска изјави дека не жали за енергетската и политиката во однос на Русија на нејзината влада за време на нејзиниот мандат како канцеларка, и покрај критиките дека таквата политика ја направи најголемата европска економија премногу зависна од рускиот гас.

Минатата година, 55 отсто од увозот на гас на Германија дојде од Русија, делумно поради настојувањето на Меркел да ги одржи трговските врски со Русија и да го поддржи контроверзниот гасовод „Северен тек 2“ дури и откако Москва го анектираше Крим во 2014 година.

„Секогаш делувате во времето во кое сте“, им рече Меркел на новинарите во Лисабон на прашањето за пристапот на нејзината влада кон Русија, додавајќи дека воопшто не жали за своите одлуки и смета дека тие биле вистинските во тоа време.

„Евтиниот руски гас ѝ овозможи на Германија да продолжи да се оддалечува од нуклеарната енергија и јагленот“, рече Меркел, иако Германија сега ги става тие планови во мирување со цел да ги замени прекинатите испораки на гас од Русија.

Прочитајте и:  Милер: Русија е таа што ескалира, политиката на САД за употреба на американското оружје од Украина не е променета

Инфлацијата во Германија, главно поттикната од наглиот пораст на цените на енергијата, изнесува 10.9 отсто, а владата се обврза да потроши милијарди евра за да им помогне на домаќинствата и бизнисите да ги платат зголемените сметки за енергија.

Пуштањето на гасоводот „Северен тек 2“, наменет за двојно зголемување на увозот на гас од Русија во Германија преку Балтичкото Море, беше откажано во деновите пред инвазијата.

„Оваа брутална инвазија на Русија сега донесе промена. Ова е пресвртница“, рече Меркел за енергетската политика на Германија, додавајќи дека ова сега е задача со која мора да се справи новата германска влада предводена од социјалдемократот Олаф Шолц.

Извор: МИА

- Реклама -