Мицкоски: Не сум разочаран од Пендаровски бидејќи неговиот став воопшто не ми значи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека неговата партија не се откажува од ставот за одржување на референдумот, затоа што, како што истакнува, народот е суверен во државата и само тој може да одлучи дали сака да оди во ЕУ под овие услови.

„Не, нема да се откажеме. Зошто ние да се откажеме од идејата за референдум? Видете сега, само на нелегитимен премиер му е нерелевантно мислењето на народот. Ако вие сте премиер кој е избран од страна на народот, тогаш ќе сфатите дека мислењето на народот е неприкосновено, тоа е најрелевантно. Но, бидејќи тој е поставен таму и е нелегитимен, од тие причини тој смета и вели дека му е нерелевантно мислењето на народот“, изјави Мицкоски во гостувањето во вестите на ТВ „Канал 5“.

Референдумското прашање, според него, може да биде искристализирано до септември до кога ќе течат разговорите со коалициските партнери и кога пратениците ќе се вратат од одмор. Иако нема согласност од власта за одржување на референдумот, Мицкоски нагласува дека тој може да се реализира ако се соберат 150 илјади граѓански потписи или пак на барање на 30 пратеници.

Добра основа за прашање, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е дали граѓаните сакаат во ЕУ под овие услови и врз основа на тоа може да се постигне консензус како тоа треба да гласи.

Во однос на изјавите за референдумското изјаснување на претседателот на државата – Стево Пендаровски, Мицкоски истакна дека воопшто не е разочаран бидејќи, како што рече, „неговиот став не му значи“, како и дека со ова тој покажал дека „не е државник, туку поданик“.

„Го чекав тој ден кога ќе добие насока практично од државник да се претвори во послушник и ќе се врати на оригиналните позиции кои што ги имаше пред да го даде тоа интервју во еден неделен весник кој што навистина не знам како успеал да му протне таков став. Но, еве, се корегираше, па да сумирам; Би бил разочаран од некој чии што став ми значи, но имајќи предвид дека неговиот став воопшто не ми значи, можам да кажам дека не само што не сум разочаран, туку уште еднаш на отворена сцена пред граѓаните кажа колку погреши“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Мојот став за договорот со Бехтел и Енка е непроменет, но нема да одиме чекор назад и да платиме уште 350 милиони долари

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека под сегашните околности тој и неговата партија нема да дадат поддршка за уставни измени за внесување на Бугарите во највисокиот државен акт.

„Под овие околности, без разлика дали сме власт или опозиција, немаме намера да ја менуваме својата одлука, сѐ додека не добиеме европски услови и европска преговарачка рамка најмалку како што доби Албанија“, рече Мицкоски.

Тој се согласува дека земјава треба да има добрососедски односи со Софија, но, според него, она што ни го прави Бугарија никако не може да се подведе под добрососедство. Да, вели Мицкоски, за добрососедски односи согласно Копенхашките критериуми и Договорот за стабилизација и асоцијација, а не со ставање на билатерални договори на европска преговарачка маса. Според него, „неспособноста на власта“ довела токму тоа да се случи, што не било случај со ниту една друга земја членка на ЕУ.

„Разговорите со Бугарија треба да се водат на различна маса од европската. Никој не рекол дека со Бугарија не треба да се преговара, но проблемот е што тие преговори сега ги донесовме на заедничка маса со европските преговори“, изјави Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -