Бугарија му се налути на албанскиот премиер Рама, остра реакција од бугарското МНР

Бугарското Министерство за надворешни работи изрази најостра осуда за изјавите на премиерот на Албанија – Еди Рама, во кои тој директно ја критикуваше Бугарија поради блокадата на Македонија, а со тоа и на Албанија, на европскиот пат и отпочнување на преговорите со ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, од бугарското МНР велат дека Бугарија отсекогаш била меѓу оние земји-членки на ЕУ кои ја поддржуваат европската иднина на Албанија.

„Бугарија ја бранеше европската перспектива на Албанија и отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ, дури и кога беше многу потешко од денес. Жолчните коментари на толку ниско ниво не може да бидат оправдани со карактерот и недостатокот на вештини за европска комуникација“, се наведува во реакцијата.

Од бугарското МНР исто така посочуваат и дека „Софија очекува албанскиот премиер да се придржува до јазик соодветен на политичар од земја-кандидат за членство во ЕУ“.

Извор: МИА

- Реклама -