Путин му се извинил на Израел за скандалозната изјава на Лавров за Хитлер и Евреите

Рускиот претседател Владимир Путин денеска, во телефонски разговор, му се извинил на израелскиот премиер Нафтали Бенет за неодамнешната скандалозна изјава на шефот на руската дипломатија – Сергеј Лавров, соопшти кабинетот на Бенет.

Лавров за италијанска телевизија изјави дека Хитлер имал еврејско потекло и дека и некои од најжестоките антисемитисти биле Евреи. Изјавата наиде на остри реакции, особено од Израел и еврејската заедница, вклучително и таа во Русија.

Израелскиот министер за надворешни работи – Јаир Лапид, ги нарече тврдењата на Лавров „непростливи“, а Бенет оцени дека изјави како оваа „имаат за цел да ги обвинат самите Евреи за најужасните злосторства во историјата кои беа извршени врз нив“, како и „да ги ослободи угнетителите на Евреите од нивната одговорност“. Во вторникот, руското МНР ги оцени коментарите на Лапид како „анти-историски“, додавајќи дека „во голема мера објаснуваат зошто актуелната влада на Израел го поддржува нео-нацистичкиот режим во Киев“.

По денешниот телефонски разговор на Путин и Бенет, во соопштението од Кремљ не било спомнато извинувањето, објави „Ерусалим пост“. Сепак, наведено е дека двајцата лидери го истакнале „специјалното значење“ на 9 Мај, кога Русија и Израел ја слават победата на Европа и Русија над Нацистичка Германија. Во соопштението од Кремљ се вели и дека двете земји „внимателно ја негуваат/чуваат историската вистина за настаните од тие години и честа и споменот на паднатите, вклучително и жрвите од Холокаустот“.

„Претседателот на Русија потсети дека од 6 милиони Евреи измачувани во гетата и концентрационите кампови, убиени од Нацистите, 40% биле граѓани на Советскиот сојуз, и побара да бидат пренесени неговите желби за здравје и благосостојба на ветераните кои живеат во Израел. Нафтали Бенет, од своја страна, го потврдил одлучувачкиот придонес на Црвената Армија во победата над Нацизмот“, велат од Кремљ.

Во соопштението од Кабинетот на Бенет, пак, се вели дека тој го прифатил извинувањето од Путин и му се заблагодарил на рускиот претседател за појаснувањето на неговиот став кон Евреите и Холокаустот“.

- Реклама -