Камчев осуден на една година затвор откако се спогодил со обвинителството за случајот „Империја“

Бизнисменот Орце Камчев со спогодба признал вина за случајот „Империја“ и е осуден на една година затвор, вели раководителката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска.

Таа во интервјуто за „Топ Тема“ што ќе биде емитувано вечерва на телевизија Телма, појаснува дека Камчев поднел барање за спогодба пред 15-тина дена, а пред два дена спогодбата поминала и на суд. Покрај затворската казна, Камчев ќе уплати и 5.1 милиони евра (околу 320 милиони денари) на државниот буџет преку УЈП.

„Предлог спогодбата со Камчев е прифатена во средата (н.з. пред два дена). Од фирмата „Кара“ односно „Орка Холдинг“ ќе бидат уплатени 320 милиони денари (околу 5.1 милион евра). Фирмата е на Орце Камчев. Тие средства треба да се уплатат на УЈП. Предлог-спогодбата беше верификувана од судија на претходна постапка. Ова значи дека нема да се води постапка птротив него, а тој се согласи на казна од една година затвор“, истакнува Русковска во интервјуто.

„Таму каде е предвидена казна затвор од пет години, согласност мора да даде јавниот обвинител. Разговаравме со надлежната обвинителка Лиле Стефанова и доставивме предлог до државниот обвинител Љубомир Јовевски. За седум дена добивме согласност, а во меѓувреме тој ги уплати средствата на УЈП“, вели Русковска.

МИА

- Реклама -