Пентагон: Руските сили напредуваат кон Киев, рускиот конвој ја менува тактиката

Украинските бранители се подготвуваат за инвазијата на Киев

Руските трупи почнуваат да напредуваат кон главниот град Киев, додека украинските сили продолжуваат да се борат против налетот на ракетен оган, јави Fox News, пренесувајќи ги најновите информации од Пентагон.

„Се одвива доста интензивно руско бомбардирање и гранатирање во моментов, додека зборуваме. Нашата проценка е дека Русите почнуваат да прават поголем притисок на теренот кон Киев, особено од исток“, изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

Информацијата доаѓа по неколкунеделните алармирања од претставниците на американската одбрана дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се обиде да го опколи главниот град на Украина за да ја собори украинската влада и да воспостави свој „марионетски режим“, посочува Fox News.

Конвоите што се упатија кон Киев не постигнаа голем напредок од пред повеќе од две недели, кога почна инвазијата, но ситуацијата може да се промени за руските сили, смета Пентагон, потенцирајќи го рускиот конвој северно од Киев кој, како што велат, допрва треба да напредува, а кој, според неодамнешните сателитски снимки, ја менува тактиката и почнал да се дисперзира на повеќе локации. Сепак, според висок претставник на американската одбрана, руските возила не одат никаде и не скршнале од патот кон Киев, но се преместуваат меѓу шумите и дрворедите во обид подобро да се сокријат од нападите на Украинците, кои одново и одново наоѓаат начини да им нанесат штета. Пентагон не може да даде детали за тоа колку е Киев опколен, со оглед дека руските војници напредуваа во и околу некои од предградијата на украинската престолнина, но на други локации, пак, се подалеку. Конвојот од северната страна, според високиот претставник на Пентагон, сѐ уште е на околу 15 километри од градот.

Прочитајте и:  Истражување: Германците не сакаат Германија да ја преземе лидерската улога ако САД се повлечат од помошта за Украина
Украински војници одмораат недалеку од своите позиции во близина на Киев

Како што посочува Fox News, повикувајќи се на проценките од Пентагон, Путин ги распоредил речиси сите 150.000 војници што беа натрупани на границата со Украина пред инвазијата, а и покрај загубата на најмалку 700 руски воени возила, Москва сѐ уште одржува околу 90 отсто од својата борбена сила. Слично е и со Украина, која исто така има задржано околу 90% од своите борбени сили, и покрај тоа што Русите истрелаа околу 810 проектили во последните 16 дена (од кои половина се истрелани од руските трупи во Украина, помалку од половина се истрелани од Русија, а околу 80 од Белорусија).

Fox News потсетува дека Русија во голема мера ја фокусираше својата инвазија во северниот, јужниот и источниот регион на Украина. Но, два града во западна Украина вчера станаа жртви на ракетни напади.

„Нашата проценка е дека Русите погодија неколку аеродроми на Запад. Не дека немаше никакви воздушни напади во Западна Украина од почетокот на оваа операција пред 16 дена, само што тоа не беше изведувано рутински“, изјави Кирби за новинарите, посочувајќи го како значително тоа што имало два напади во еден ден.

Кирби додаде дека поголемиот дел од жестоките борби продолжуваат да се одвиваат во источна Украина и оцени дека „прерано е да може да се теоретизира за некаква поголема цел“ на руските напади на Запад.

Кирби истакна и дека САД ќе продолжат да обезбедуваат безбедносна помош за Украина „колку што можат, најбрзо што можат“.

Извор: МИА

- Реклама -