Без апанажа, пратениците што не се милионери „ќе останат на волјата Господова“, смета Џафери

„За укинување на апанажата на јавните функционери гласаа само 16 пратеници. Е па, чорба Македонче!“, порача пратеникот Димитар Апасиев на Фејсбук, откако со 16 гласа „за“, 13 „против“ и 0 воздржани, пратениците не го усвоија Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката, поднесен од неговата Левица. „Пак да си ги гласате“, забележува саркастично Апасиев.

„Измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани фунционери го предлагаме дека и така платите на фунционерите се многу поголеми од тие на другите граѓани и тое е еден вид на класна и социјална дискриминација“, истакна пратеникот Борислав Крмов пред пратениците, надоврзувајќи се на образложението во самиот предлог, каде Левица се повикува и на „почитување на уставниот принцип на забрана за дискриминација врз основа на класно/социјално потекло и имотна, т.е. општествена положба“, како и аргументот дека предлог-законот одговара на моменталната економска, енергетска, здравствена и финансиска ситуација во време на прогласена кризна состојба.

„Треба да се укине таа одредба бидејќи функционерите за да добијат апанажа треба да имаат само 2 години стаж, а другите работници треба да исполнат околу 12 услови. Министри кои се милионери бараат апанажа. Апсурд е државата да издржува милионери. Недозволиво е во една од најсиромашните земји во Европа да се издржуваат функционери милионери“, истакна Крмов.

Од друга страна, претседателот на Собранието – Талат Џафери, во процедурална забелешка, објаснуваше зошто гласал против законот. Неговиот аргумент е дека Собранието не е локална самоуправа која функционира без надоместоци, туку највисока легислативна власт која функционира врз основа на Уставот и Деловникот, а функционерите ја користат законската можност.

Според него, не е основан ни аргументот дека функционери кои се милионери, а земаат апанажа. Како пример, собранискиот спикер го посочи пратеникот Крмов лично:

„Образложението е дека фунционерите се милионери и не треба да им следува апанажа. Но, што правиме со тие што не се милионери? Еве вие, Крмов, не сте милионер и ќе треба да останете на волја Господова. Држава се гради врз принципи“, рече Џафери.

- Реклама -