Сали: Услов за укинување на превентивните мерки е зголемување на процентот на имунизација

Со сегашното (незадоволително) темпо на имунизација, ќе се најдеме во ситуација пандемијата во светот да заврши, а кај нас да продолжи уште некој месец, смета министерот за здравство Беким Сали.

Во гостување на ТВ „Канал 5“, тој порача дека зголемувањето на процентот на имунизација на населението е услов за укинување на превентивните мерки, како носење маска, дезинфекција и држење дистанца.

„Гледаме коментари дека Данска и Велика Британија ги укинале мерките, но таму процентот на вакцинација е 86%, а во Италија 91 отсто. Кај нас е 41% процент. За жал, врз основа на што да ги укинеме ние мерките“, рече Сали.

Според него, намалената вакцинација се должи, меѓу другото, и на тоа што кај дел од јавноста има недоверба во квалитетот на вакцините. Во тој аспект, министерот уверува дека сите вакцини се чуваат на соодветно место, согласно препораките.

„Добиените вакцини од Италија имаат рок до крајот на јули годинава. Веќе преземаме мерки и ова е дел од таа кампања дека имаме безбедни вакцини, а на тие што им е поминат рокот ќе бидат соодветно уништени“, изјави Сали.

Во гостувањето, министерот за здравство информираше и дека Комисијата за заразни болести веќе иницирала внатрешна дебата за преземање конкретни мерки за вакцинација, во чиј фокус се пациентите кои се во најризичните групи и кои се најчесто хоспитализирани. Како што посочи тој, тоа се пациенти над 50 години, со дијабет, хипертензија, невромускулна болест, за кои ќе се направи кампања да бидат повикани и да им се каже дека се таргетирани како потенцијален ризик по нивното здравје.

„Вакцини има и се безбедни. Низ државата има околу 40 вакцинални пунктови и доволно е граѓаните само да пристапат и се вакцинираат“, додаде Сали.

Извор: МИА

- Реклама -