Ковачевски ќе присуствува на денешниот ЕСС за минималната плата: Јасно кажав дека сум на страната на вработените

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека денеска ќе присуствува на Економско-социјалниот совет на кој, како што рече, се надева дека заедно со работодавачите и синдикатите ќе изнајдат решение кое биде на задоволство на вработените.

„Во неколку наврати имам кажано дека сум на страната на вработените. Тоа јасно го кажав и при изгласувањето на законското решение за недела неработен ден бидејќи во еден дел работодавачите имаа поднесено иницијатива за оценка на уставноста на тоа законско решение. Тогаш јасно кажав дека сум на страната на вработените. Секој вработен има право недела да ја помине со своето семејство и тоа јасно го кажав на состанокот со Стопанската комора и се договоривме низ разговор, кој ќе трае 30 дена, да се најде решение кое ќе биде бенефит за работниците и таа иницијатива да биде повлечена од Уставниот суд. Денес имаме 92 проценти од вработените на кои недела им е неработен ден“, истакна Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Штип, Ковачевски не сакаше да калкулира со бројки за минималната плата, бидејќи, како што рече, никогаш не соопштува бројки кои не се базираат на анализа и кои не се договорено меѓу социјалните партнери.

„Местото каде тоа треба да биде кажано е ЕСС и таму треба да биде кажано и договорено од страна на сите социјални партнери. Во ЕСС имаме претставници на работниците кои заслужуваат да им се вредува трудот, но тука се и работодавачлите чие мислење треба да се слушне бидејќи минималната плата секогаш е поврзана со зголемувањето на продуктивноста на трудот“, изјави Ковачевски, додавајќи дека негов личен став е дека платите треба да растат.

Пред денешниот Економско-социјален совет, седница треба да одржи Економскиот совет на Владата со кој ќе заседава премиерот Ковачевски.

МИА

- Реклама -