Пендаровски: Гоце Делчев претставува стожер врз кој ја градиме нашата државност и самобитност

„Гоце Делчев беше визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век и клучните дострели на македонската илинденска генерација несомнено го носат неговиот печат. Тој својот живот го подари на највисоката кауза за национална и социјална слобода и со право за македонскиот народ претставува стожер врз кој ја градиме нашата државност и самобитност. Благодарение на својата преданост на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ“.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на отворањето на изложбата поставена од Државниот архив по повод 150 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење – Ѓорѓи Николов Делчев, меѓу народот познат како Гоце Делчев, во која се опфатени оригинални документи, писма и фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност.

„Нашата главна битка денес е да направиме сè во рамките на нашите можности како држава, како поединци, како луѓе пред сè и да се натпреваруваме само во културните цивилизациски битки и во натпреварот на идеи. Да ја негуваме солидарноста и да ги живееме идеалите на Делчев за да покажеме дека тие можат и денес да бидат еднакво актуелни и прогресивни, како и пред повеќе од еден век кога за првпат беа родени“, рече Пендаровски на отворањето на изложбата.

Несомнено е, посочи, дека ова е централниот настан во одбележувањето на јубилејот – 150 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење.

„Особено е важно што на изложбата се презентирани материјали на Државниот архив кои нашата јавност може да ги види за првпат. Ова е бездруго ретка можност да се направи пресек на архивскиот материјал за Делчев собиран низ годините, но и да се поттикне научниот интерес за понатамошно истражување, особено во архивите на Република Турција, како и во дел од соседните држави. Познато е дека за Гоце Делчев како една од нашите најзначајни историски личности постои прилично обемен научно–историски и книжевен опус. Во еден дел станува збор за еден естетизиран, белетристички пристап со присутен романтичарски патос, а забележливо е и честото споменување на неговото име во нашето фолклорно творештво“, прецизира Пендаровски.

Неговите идеи и космополитизам, кои беа далеку пред времето во кое живееше, потенцира претседателот, лесно ги надминуваат националните и регионалните рамки.

„Станува збор за револуционер чија мисла и дело ги крепат најзначајните општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност. Нè прави горди што неговите идеали ги споделуваме со сите слободољубиви народи во светот, особено со нашите први соседи. Светот во кој живееше Делчев и оној во кој ние денес живееме, се сосема различни. Македонскиот народ за чија слобода тој се бореше, формираше своја држава за да може со сите останати народи еднакво да се натпреварува во светот разбран како поле за културен натпревар“, истакна шефот на државата.

Сепак, додаде, неговите идеали не се целосно остварени.

„Сведоци сме дека и модерниот свет не е имун на конфликти, тензии и кризи од најразличен карактер. Полето за културен натпревар се стеснува и одвреме навреме станува арена во која важи синтагмата дека човек на човека му е волк“, рече Пендаровски.

Нагласи дека ликот и делото на Делчев заслужуваат и нови истражувања, студии и научни собири и преведување на новите наоди на светските јазици.

„Се разбира, при тоа е битно историската наука да се држи понастрана од дневната политика, да го задржи објективниот пристап, ослободен од стегите на зададените идеолошки и национални наративи. Во овој контекст, она што како граѓа е досега собрано во нашиот архив има непроценлива вредност. Затоа, Државниот архив со право го сметаме за чувар на меморијата за нашето минато, историја и култура“, посочи Пендаровски.

Освен во историските читанки и во нашата литература, прецизира, Делчев е присутен и во музичката уметност, сликарството, во радио драмите, во телевизиските филмски проекти.

„Се надевам дека и нашите современи уметници, творејќи на различни полиња и во различни медиуми, ќе најдат предизвик и инспирација во биографијата на Делчев, во неговите мисли и идеи и ќе ни понудат нови авторски перспективи, за што, се надевам поттик ќе биде и изложбата која денес ќе биде отворена“, порача шефот на државата.

МИА

- Реклама -