СДСМ објави 16 кандидати за градоначалници, од кои 12 нови имиња

Скопје, 25 август 2021 (МИА) – СДСМ ги соопшти имињата на 16 кандидати за градоначалници, од кои 12 се нови, а четири актуелни градоначалници во општините. Нови кандидати, меѓудругото, ќе има во Аеродром каде во трка за градоначалник ќе биде Александар Филиповски – дипломиран економист, поранешен пратеник, менаџер на повеќе компании, во Карпош – каде наместо актуелниот градоначалник кандидат е Душко Весковски, актуелен директор на ЈП „Водовод“ Скопје, и во Прилеп – каде кандидат на СДСМ ќе биде Горан Сугарески.

„По спроведените истражувања внатре во органите на партијата и со сите консултации со 82.000 членови на партијата, Извршниот одбор продолжи со носење на одлуките и утврди дополнителни 16 кандидати за градоначалници од СДСМ. Имаме утврден и сигурен победник во Градот Скопје. Во Прилеп, Горан Сугарески, добро познат за јавноста и во јавноста, со висок углед помеѓу прилепчани, дипломиран правник, министер, директор на Царинската управа. Убедливо кандидат со највисок рејтинг. Сашо Велковски во Свети Николе, магистер по економски науки. Во Карпош каде што СДСМ е сигурен победник, Душко Весковски, актуелен директор на Водовод Скопје. Во Тетово со д-р Хемди Алезмовиќ, успешен во својата област, нов член на Извршниот одбор од Тетово. Во Општина Аеродром од СДСМ е Александар Филиповски, дипл. економист, поранешен пратеник, менаџер на повеќе компании во Галичник, во Скопје, во Аеродром“, информира на денешната прес-конференција шефот на изборниот штаб и генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

Во Сопиште, кандидат на СДСМ ќе биде Сашо Стојановски, дипл. Правник од СДСМ, досегашен претседател на општинската организација и актуелен советник во Сопиште, во Јегуновце актуелниот градоначалник Дарко Блажевски, во Кавадарци, Горан Тодоров, дипл. инженер по индустриска логистика, претседател на ОО во Кавадарци, во Кратово Влатко Бојковски, еден најмладите кандидати на СДСМ, дипл. инженер по информатика, а во Чешиново-Облешево актуелниот градоначалник Горан Крстев Грга.

Како што соопшти Николовски, во Зрновци кандидат на СДСМ ќе биде Виктор Ангелов, дипл. машински инженер, во Илинден бизнисменот Александар Тодоровски, во Демир Хисар новиот кандидат м-р по биотехнички науки Стевче Митровски, а нов кандидат ќе има и во Ново Село – Ѕвонко Анѓелов. Со нов кандидат СДСМ ќе оди на избори во Велес, каде во трката ќе се вклучи д-р Ненад Коциќ, актуелен пратеник, а во Брвеница со д-р Мирко Стојановски, кој е актуелен градоначалник.

„На синоќешниот состанок имаше дискусија дебата и разговор за секој еден предлог и анализи на сите анкети отворено пред сите членови на ИО. Сите кандидати се утврдени со едногласна поддршка и јасно изразена волја на ИО. Сите кандидати се убедливи фаворити на локалните избори, кои се блиску до граѓаните, чесни, одговорни, почитувани во своите средини, со конкретни планиви и решенија“, рече Николовски на прес-конференцијата.

Тој одговараше и на новинарски прашања поврзани со можностите за коалицирање на партијата. СДСМ, рече, стана партија која што е носител на сите промени и која што е инклузивна, отворена и во сите аспекти ги вградува сите етнички заедници. Според него, во Централниот одбор на СДСМ има девет Албанци, има Турци, Власи, Роми, од сите заедници.

„Тоа го нема во ниту една политичка партија. Тоа го има во раководството, на секое ниво тоа се пресликува и затоа анкетите покажуваат дека и овој пат СДСМ ќе оди со листи за советници во сите општини, во сите 80 општини СДСМ ќе има листи на кандидати за советници. Со сите други коалициони партнери разговараме. Како што кажав, деноноќно водевме разговори со сите над 20 коалициони партнери, а претседателот исто така го дефинираше начинот на поддршката со ДУИ, со БЕСА, со ДПА, со сите други останати партии каде тоа ќе го направиме во првиот круг, каде тоа ќе го направиме во вториот круг. Низ таа отворена транспарентна постапка ние веќе објавивме кандидати за Арачиново, имаме листи во сите општини. Денеска објавуваме кандидат за градоначалник на Тетово и принципиелноста во она што е договорено значи и коалициониот капацитет што е единствено на страна на СДСМ и е тука заради политиките коишто ги спроведуваме, заради сервисот кон сите граѓани и грижата кон сите граѓани во државата во изминатиот период што е најголема предност за СДСМ, а најголема слабост за ВМРО-ДПМНЕ е уште еден доказ и печат на големата победа на СДСМ и коалицијата на 17 октомври“, истакна Николовски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Тој додаде дека како партија први ја објавиле планираната соработката и поддршката со ДУИ, со БЕСА, со ДПА.

„СДСМ прв пред кој било уште во текот на летото, уште од 17 јули ја најавивме и официјализиравме поддршката. Ако сакате и уште наназад ќе одам, со договорот којшто беше постигнат и на кој што работеа Љупчо Николовски и Артан Груби минатото лето веќе беше дефинирана кадровската и програмска понуда за локалните избори, така што коалициониот капацитет и поддршката од секој еден аспект ние сме ја дефинирале и внимателно секако дека ќе ги носиме одлуките и за првиот и за вториот изборен круг. И тука предноста е огромна на страна на СДСМ заради политиките. Ќе видиме како Албанците од Куманово ќе може да гласаат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, или да не зборувам некои други. Тотално погрешни одлуки и политики свесни за поразот кој што го имаат. Затоа сме целосно посветени да го истакнеме најдоброто, да ги истакнеме и листите и кандидатите за сите општини каде што СДСМ, коалицијата и принципиелно со сето она кое што е договорено со сите коалициони партнери ќе го соопштуваме во наредниот период“, истакна генералниот секретар на СДСМ.

Тој нагласи и дека сѐ уште не е договорен кандидат за Струмица, иако се споменува името на партискиот портпарол Костадин Костадинов.

„Партијата и Извршениот одбор нема одлука за Струмица. Како што кажав, во овие општини во кои сите теренски анализи, анкети покажуваат водство од над 10 проценти на СДСМ во Центар, во Струмица, во Куманово, Крива Паланка, во Шуто Оризари и во многу други се уште СДСМ ги нема одлучено кандидатите и навистина тука ќе сакаме и во овие општини да ги максимизираме резултатите во бројот на гласови, поддршката на граѓаните и затоа и таму внимателно ќе ги одбереме најдобрите кандидати. Секако дека победата на СДСМ е сигурна и во Струмица и во Куманово, во Центар, во Кочани и во сите овие над 10 општини за кои СДСМ се уште нема донесено одлуки. И тие се најлесните на некој начин и граѓаните секако дека ќе ги дознаат до крајот на месецов“, рече Николовски.

За актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој нема да биде кандидат за втор мандат, Николовски појасни дека ќе биде назначен на некоја функција во извршната власт.

- Реклама -