ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да присуствуваат на прославата: „Најголемата закана за Рамковниот договор е токму власта“

„Прославата за рамковниот договор наместо државна агенда, стана партиско политичка промоција“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде денеска соопштија дека ниту претставници од партијата, ниту лидерот Христијан Мицкоски, нема да присуствуваат на прославата на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

„Ако вистински се грижеа за духот на рамковниот договор, тогаш парите од прославата ќе беа попаметно да се пренаменат и дадат за реконструкција на училиштата во тетовско, гостиварско, кумановско или за решавање на проблемот со вода за пиење во Тетово. А, секако најдобро ќе се искористеа и за сервисирање на канадерите за гасење на пожар.

Наместо тоа коалицијата на власт даде предност на криминалот, наместо соживотот. Најголемата закана за рамковниот договор е токму власта која го поделува народот на тие кои се со нив и народот кој не е“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

Според нив, прославата на рамковниот и „одложувањето на мерките заради прославата“, како што велат, се доказ за целосно политизирање на процесот, како и за лажната грижа за здравјето на граѓаните.

„Оттука ВМРО-ДПМНЕ ниту претседателот Мицкоски нема да учествува во таквиот декор. Нема потреба од партиска предизборна парада во услови на тешка економска и здравствена криза, рамковниот договор е завршена работа. Парите можеше да се искористат за многу други цели!“, се вело во соопштението.

- Реклама -