Судот го замрзна имотот на Рашковски и на неговите малолетни деца

На барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во рамки на истражната постапка за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување на постапки за јавна набавка, а со цел да не дојде до осуетување на намирувањето на оштетното побарување во текот на кривичната постапка, Основниот кривичен суд – Скопје денеска донесе одлука за замрзнување на имотот на поранешниот Генерален секретар на Владата – Драги Рашковски, но и замрзнување на имотот на неговите малолетни деца.

За потсетување, во април годинава „Алсат“ објави дека Рашковски не поседува ништо на свое име и дека целиот имот, за само еден месец целосно го префрлил на име на своите деца на претшколска возраст, вклучувајќи го станот во Скопје од 65 метри квадратни, но и земјиштето во Побожје каде семејството планираше да гради суперхациенда од 800 квадрати.

„Уважувајќи го барањето, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје донесе Решение за привремена мерка со кое спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото Решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – Забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп“, соопштија од Обвинителството.

Дополнително, судот одредил и привремена мерка – Забрана за отуѓување или оптоварување на движни ствари за едно правно лице во сопственост на трет осомничен во истрагата.

Од Обвинителството посочуваат дека, во предметот, како оштетена се јавува државата, со оштетно побарување од вкупно над 17.5 милиони денари (17.642.237 MKD, поточно). Привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот, додаваат од таму.

Покрај замрзнувањето на имотот, продолжени се и мерките за обезбедување на осомничените – за нови 30 дена. Со други зборови, Рашковски останува во куќен притвор.

- Реклама -