Мизрахи: Сигурна сум дека до изборите најмалку 100 пати ќе го видиме Заев како ја пее химната

Резолуцијата за националните „црвени линии“ во спорот со Бугарија не (треба да) поттикнува поделба, туку е резултат на недовербата на граѓаните и опозицијата во самиот процес, истакна во „Што не е јасно“ на ТВ „Алфа“ пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Рашела Мизрахи, според која околу 90% од граѓаните немаат доверба во наративот за „бетониран јазик и идентитет“.

Таа потенцира дека автори на Резолуцијата се МАНУ и УКИМ, а ВМРО-ДПМНЕ ја дава формата за да биде запазена дефиницијата на „резолуција“.

Мизрахи не е изненадена од тоа што СДСМ речиси преку ноќ го смени ставот за 180 степени и најави дека ќе ја прифати Резолуцијата таква каква што беше презентирана.

„За мене е очекувано да биде оваа Резолуција прифатена од СДСМ. На пример, како би звучело во предизборие на локални избори да кажуваат дека биле против Резолуција која што вели – ‘Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и временски континуитет’. Како можете да бидете против ова?“, посочи пратеничката.

Сепак, таа истакна дека нема да биде изненадена ниту ако Заев/СДСМ за многу брзо го сменат ставот.

„Сметам дека досега не е невообичаено и нема да биде шокиран народ доколку премиерот оди на картата ‘реков па порекнав’ или ‘не мислев така’, па дури и да не дава објаснување туку само да го менува мислењето. Некогаш тоа менување на мислење на ставови се случува во периодот од два часа, некогаш два дена, некогаш две недели. Но тоа е еден континиуум што се наметна. И да не се лажеме веќе, меѓу македонската јавност е очекувано Заев да го менува ставот и да го менува мислењето и да го менува начинот на комуникација со јавноста во однос на искажување на формите кои што ги презема во политиката во тоа каде ја води државата во иднина“, рече Мизрахи.

Според неа, граѓаните очекуваат да се менуваат ставовите на Заев, и тоа со истата увереност како што очекуваат дека ќе се  раскопуваат улиците пред локалните избори.

„Очекувам дека во овој период на предизборие 100 пати ќе го видиме Заев како стои пред македонското знаме, па како ја пее македонската химна, тоа ќе се случува во повеќе од еден наврат. Во тоа сум повеќе од сигурна“, констатира пратеничката на опозицијата.

- Реклама -