Талески: За три години во Прилеп направивме повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ во три мандата

За три години СДСМ за Прилеп направи многу повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 12 години, оцени пратеникот на СДСМ – Миле Талески, на вчерашната граѓанската трибина на владејачката партија во овој град.

Според Талески, во Прилеп се реализирани голем број капитални инвестиции, особено во инфраструктурата.

„Кај ТИРЗ Прилеп изградивме клучка. Капитална инвестиција, која заедно со другите инвестиции во Зоната, изнесува 6 милиони евра. Со нејзината изградба, ја подобривме безбедноста на сите учесници во сообраќајот на тој потег, а секако допринесовме и за побезбеден транспорт на стоки и услуги, обезбедивме услови за нови инвестиции во зоната и нови работни места. Реконструиравме околу 16 километри од Регионалниот пат Прилеп-Тополчани-Битола. Тоа е прва негова реконструкција откако е изграден во далечната 1964/65 година. Поставен е нов асфалт, нови банкини, нова сигнализација“, рече пратеникот.

Тој потсети и на рехабилитацијата на патот до Прилепското езеро, патот за Мариово, но и изградбата на патот од Волково преку Прилепец до манастирот „Св.Никола“, каде е поставен асфалт во должина 5.5 километри, при што е подобрена пристапноста до овој духовен храм.

„Примарната гасоводна линија веќе поминува покрај Прилеп. Наскоро, согласно предвидената динамика, ќе стартува и секундарна гасификација на градот. Реконструирани се улици во сите делови на Прилеп и населените места. Се реконструира водоводната и канализационата мрежа и се гради нова секаде кадешто нема. Заради сето ова, најодговорно тврдам дека за 3 години изградивме повеќе, отколку ДПМНЕ во три мандата“, заклучи Талески.

- Реклама -