СДСМ не веруваат дека Црвенковски ќе прави партија, во медиумите се шпекулираат имиња

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не верува дека ќе се случи враќање во политиката на поранешниот лидер на партијата и поранешен премиер и претседател на државата – Бранко Црвенковски, откако во медиумите повторно се актуелизираат шпекулациите дека на претстојните локални избори Црвенковски ќе настапи со своја нова партија, и тоа, наводно, составена од незадоволни членови на СДСМ.

Од СДСМ, за „Локално“, велат дека сметаат дека шпекулациите не се точни, а притоа посочуваат дека вистинската адреса за одговор на ова прашање е токму поранешниот шеф на партијата Бранко Црвенковски, или пак изворите од кои произлегуваат овие информации.

Од владејачката партија уште еднаш порачаа дека разноликоста на ставовите и размислувањата во нивните редови ги прави „единствени“ и дека врз основа на тоа очекуваат да бидат фаворит на претстојните локални избори.

Било какви шпекулации за политички камбек на неповторливиот „Б.Ц.“ сигурно не би можеле да поминат незабележани во јавноста, но овојпат тежината, доколку ја има, веројатно ја црпат од вонредното обраќање на Црвенковски по скандалозното интервју на актуелниот лидер на СДСМ Зоран Заев за бугарската „БГНЕС“, кога повика СДСМ и Владата да се оградат од позициите на премиерот во обид да ја ублажат, како што посочи, „непоправливата штета“ и „тешките и долгорочни последици за македонскиот народ и држава кои ставовите и тезите искажани во тоа интервју ги предизвикаа и ќе ги предизвикуваат“.

И додека во СДСМ не веруваат дека Црвенковски се враќа во политиката, во одредени портали веќе се шпекулира и за името на новата партија. Така, според порталот „Досие.мк“, новиот политички субјект што ќе го формира Црвенковски, ќе се вика „Социјалдемократска Иднина“.

- Реклама -