За Борисов, Гоце Делчев е „голем бугарски револуционер и македонски војвода“

Денес се навршуваат 118 години од трагичното загинување на „големиот бугарски револуционер и македонски војвода, кој го дал својот живот за слободата и автономијата на Македонија и Одринско“ – пишува бугарскиот премиер во заминување Бојко Борисов, на Фејсбук.

„Гоце Делчев е еден од најсилните симболи на нашата заедничка историја со Република Северна Македонија, заедничка историја која влезе во основата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Нека неговата саможртва ни биде и пример за тоа како час поскоро да го најдеме вистинскиот пат кон нашата заедничка европска иднина. Вечна му памет!“, порача Борисов.

118-годишнината на Делчев Бугарија го одбележа и со делегација преводена од бугарскиот амбасадор во земјава – Ангел Ангелов, кој положи венец и се поклони на гробот на Гоце во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Како што соопштија од бугарската амбасада, Ангелов, слично на Борисов, порачал дека Делчев ќе остане светол симбол на нашата заедничка историја и заедничка европска иднина.

„Истакнатиот бугарски револуционер Гоце Делчев го дал животот за слободата на своите браќа. Гоце Делчев ќе остане, независно од сите перипетии на нашата тешка судбина, светол симбол на несебичната пожртвуваност, на заедничката историја и заедничката европска иднина на Бугарија и Република Северна Македонија“, истакнал Ангелов.

- Реклама -