Вархеји доаѓа во Скопје за да нѐ увери дека ЕУ не нѐ заборавила, „Фала богу, ви текна“ – му рекол Пендаровски

Еврокомесарот за проширување – Оливер Вархеји, во вторник доаѓа во Скопје по повод испораката на првите вакцини од Pfizer и BioNTech кои ЕУ ги обезбеди и финансира како помош за земјите од регионот.

Како што соопшти Европската комисија, турнејата на Вархеји започнува во понеделник попладне со посета на Србија, а ќе продолжи со посета на БиХ, Црна Гора и Северна Македонија во вторник. Во среда, еврокомесарот ќе ги посети Албанија и Косово. При посетите, Вархеји и официјалните претставници во регионотќе разговараат за одговорот на пандемијата, како и за поддршката на ЕУ во таа област, се вели во соопштението.

„Патувам во Западен Балкан за да пренесам јасна порака: Ние се грижиме! Се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и најранливите граѓани. Испораката на вакцините ја потврдува нашата постојана посветеност на обезбедување поддршка, со која започнавме уште од почетокот на пандемијата. Заедно посилни!“, порачува еврокомесарот.

Овие вакцини, кои ги обезбедува ЕУ, ќе помогнат да се забрзаат кампањите на имунизација, како и да се осигура вакцинацијата на медицински работници од првите борберни редови и граѓаните од дел од најранливите групи, се додава во соопштението.

Посетата на Вархеји, зборувајќи во контекст на европската перспектива и присуството на ЕУ во регионов, вчера во „Само интервју“ на „Канал 5“ ја најави претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Фала богу, ви текна Европа да биде повеќе присутна овде“, му рекол шефот на државава на еврокомесарот Вархеји за време на престојот во Брисел, кога тој го известил дека следната недела физички ќе биде присутен во сите шест западнобалкански држави за да ја покаже европската солидарност на дело.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Задоцнивме ние и за нас, камо ли за вас, меѓутоа, сакам физички да дојдам да ви кажам дека не сте заборавени“, му рекол Вархеји на Пендаровски, парафразираше претседателот.

На тема вакцини, Пендаровски во интервјуто уште еднаш потврди дека во ЕУ се свесни дека потфрлиле со вакцините (пред сѐ за своите граѓани) и ги разочарале граѓаните во регионов, но притоа откри и дека официјалните претставници (го) замолиле да не бидат премногу јавно критикувани.

Во соопштението, пак, Европската комисија не пропушти да ја наведе сета помош што ЕУ ја обезбедува за Западен Балкан. Овие вкупно 651.000 дози вакцини за регионот (од кои Македонија ќе добие 119.000 дози) обезбедени со помош на Австрија, кои ќе бидат испорачувани на неделни рати во периодот од почетокот на мај до август, а за кои ЕУ одвои средства со пакетот од 70 милиони евра усвоен во декември 2020 година за помош за вакцини за Западен Балкан, се обезбедени дополнително на оние од Ковакс механизмот, во кој ЕУ е еден од најголемите учесници, со близу 2.5 милијарди евра од земјите членки.

ЕК потенцира и дека од самиот почеток на кризата ЕУ решително реагираше, мобилизирајќи пакет од 3.3 милијарди евра за помош за регионов за справување со непосредната здравствена криза и ублажување на социо-економскиот импакт од пандемијата, со цел опоравување на долг рок. Преку овој пакет, потсетува ЕК, кај западнобалканските партнери беше испорачана витална опрема, како маски, респиратори, амбулантни возила, тестови и ладилници. Овој пакет, со кој ќе се забрзаат и вакцинациските кампањи, се додава во соопштението, е јасен израз на европската солидарност со партнерите од Западен Балкан, чија иднина јасно е во ЕУ.

Од ЕК исто така потсетуваат и на Економскиот и инвестициски план од октомври 2020 година, со кој би можеле да се мобилизираат до 28 милијарди евра во грантови, гаранции и заеми, со цел да се поттикне долгорочното опоравување на Западниот Балкан и зближувањето со Унијата.

- Реклама -