Каракачанов во „војна“ со Стејт Департментот: „Зошто ние да признаеме македонско, што не признаат тие никаквеци тексашко малцинство?“

Американскиот Стејт Департмент на Бугарија гледал како на Занзибар – не ги познава проблемите, а пишува од ракав, тврди бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана на НАТО сојузничката зад нашата источна граница – Красимир Каракачанов.

„Да ги прашам тие никаквеци во американскиот Стејт департмент, каде видоа тие македонско малцинство? Тие земаат предвид некакви извештаи од соросоидни организации и невладини организации кои ги хранат за да плукаат на Бугарија“, изјавил Каракачанов за бугарската „ПИК“ ТВ, пренесува „360 степени“.

Според него, членовите на „ОМО Илинден“ се платено малцинство од Скопје, а Бугарија ја принудуваат да го признае ова здружение.

„Какви репресирани Македонци има во Бугарија?! Си пишуваат некакви извештаи, ма што сакаат нека пишуваат. Што не признаат тие во Америка дека има тексашко малцинство или аризонско малцинство? Не, затоа што нивната политиката е да ги интегрира сите и да ги направи Американци. Зошто тие да си ја зајакнуваат државноста а ние нашата да си ја разбиваме?“, аргументира Каракачанов.

Ваквата реторика на бугарскиот вицепремиер следува по годишниот извештај на Стејт Департментот за Бугарија на полето на почитувањето на човековите права, објавен вчера. Покрај сериозните забелешки за независноста на медиумите, корупцијата и полициското насилство, во извештајот се наведува и прашањето на македонското малцинство во Бугарија, односно одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците, и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права.

„Властите продолжија да негираат регистрација на активистичките групи на етничките Македонци како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштво на угнетени Македонци, Жртви на комунистички терор и Клуб на македонска етничка толеранција во Бугарија, и покрај пресудата од мај и повеќе од 10 претходни одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права дека негирањата ја нарушиле слободата на здружување на групите. На 1 октомври, Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура изрази во привремена резолуција ‘длабока загриженост’ во врска со ‘формалистичката примена на законските барања’ на властите упорно одбивајќи ја регистрацијата на Обединетата македонска организација – Илинден и слични здруженија од 2006 година“, се вели во извештајот.

Освен тоа, во делот за „граѓанските слободи“, спомнат е и токму Каракачанов:

„Во ноември 2019 година, јавниот обвинител постапи по жалбата на лидерот на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, за обидите на две здруженија, Цивилното здружение за заштита на основните индивидуални човекови права и античките Македонци, за создавање македонско малцинство. Главниот обвинител поднесе барање до судот за распуштање на здруженијата, обвинувајќи ги за политичка агенда што го загрозува единството и безбедноста на нацијата“… Повеќе ТУКА.

- Реклама -