Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси, дел од седуммината обвинети за насилните протести против пресудите во случајот „Монструм“, денеска, на првото судско рочиште, ја признаа вината, а судот ги осуди на по една година затвор.
Обвинетите Артон Садики и Фабио Идризи, пак, се изјаснија како невини и за нив судењето ќе продолжи.
Шестиот обвинет, Бесим Касами, денеска го напушти судот поради високата температура, а поради неговата влошена здравствена состојба, за него ќе се води издвоена постапка.
Издвоена постапка ќе има и за седмиот обвинет, Башким Суља, кој сѐ уште не е достапен за органите на прогонот.
Како што соопштија од Обвинителството на 5 март годинава, обвинетите се гонат за Учество во толпа што ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, бидејќи на 26 февруари, како учесници на протестот против пресудите во „Монструм“, заедно со непознати лица, заеднички дејствувале кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.