Мицкоски од Инфективна: Поминав исклучително тешки 12 дена

„13 ден откако сум ковид позитивен. Поминав исклучително тешки 12 дена, велат излегувам од т.н. цитокинска бура, интерлеукин 6 се намалувал. Денес ми е прво утро без покачена температура, подобро се чувствувам“, напиша утрово на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кој веќе неколку дена е хоспитализиран на Инфективната клиника.

„Ова што јас го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен“, вели тој, упатувајќи јавна благодарност до целиот медицински персонал на Инфективна клиника во Скопје. „Секој од нив е вистински борец и нивната посветеност и пожртвуваност не се опишува со зборови“, вели Мицкоски.

Лидерот на најголемата опозициска партија уште еднаш упати критики и порака до власта.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

„Жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација, бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу. Ќе помине и мојата здравствена мака, ама ќе започне маката на Владата заради оваа неодговорност и неспособност за набавка на вакцини.

Не е време за циркус со шпиунски игри, треба сериозни луѓе на вистински места што знаат како. Ако на времето беше смешно кога ќе слушневме дека блескаме, денес е трагично бидејќи блескаме поради срамот, простотилукот, неспособноста на власта. Доаѓа денот за одговорност. #ИднинатаЕНаша #МакедонскаПролет“, порача Мицкоски.

- Реклама -