Спасов со критики за етничките лични карти: Не било добро, ама не им пречи…

Поранешниот министер и амбасадор, воедно и универзитетски професор – Ѓорѓи Спасов, смета дека етничката определба во личните карти не само што е глупост, туку и перфиден обид на БЕСА да го минира договореното од Преспа, според кое националноста во пасошите ќе биде наведена како „Македонска/граѓанин на…“. Од друга страна, од контрадикторните ставови на Владата, премиерот, претседателот и најголемата опозициска партија, Спасов заклучува дека по сѐ изгледа крајната цел е да се удоволи едно бесмислено барање. На Фејсбук, тој пишува:

„Владата врз основа на анализа на европски и светски искуства оценила дека не се согласува со внесување на етничката припадност во личните карти. Независно од ставот на владата нејзиниот претседател вели дека тој нема ништо против бидејќи сме биле мултиетничко општество и тоа само ќе било “доказ за мултиетничноста”. Претседателот на државата смета дека нема потреба од внесување на етничкото потекло на граѓаните во личните карти ама “тоа нема да ја растурело државата” и ако биде изгласан таков закон на барање од Беса тој ќе го потпише Указот за да влезе во сила. Мицковски и дружината во идејата за таква примена виделе “единствена можност во некој официјален документ издаден од Република Северна Македонија тие да се определат како Македонци” но под услов на личните карти сѐ уште да не се внесува уставното име туку да остане старото Република Македонија. Значи за нив тоа е добро бидејќи ќе покаже колку има Македонци во земјата и колкав е бројот на оние “сомнителни Македонци” кои нема да сакаат националноста да им биде впишана и во личната карта”.

И тука веќе нема рационална дебата. Нема важност праксата на земјите од ЕУ. Нема желба да се согледаат и негативните светски искуства. Важно е изгледа да се удоволи едно бесмислено барања според кое освен тоа што личната карта ти е издадена и на јазикот што го говориш и кој е суштествена одредница на твојот етнички идентитет, на твое барање во неа ќе мора да ти запишат и кое е твоето етничко односно национално потекло. На будалите што сметаат дека на тој начин ќе било можно и конечно да се “преброиме” според етничкото потекло треба да им се постави прашањето како ќе ги бројат оние што нема да сакаат етничкото потекло да им стои во личната карта. А оние што сметаат дека на тој начин ќе ги откриеле “лажно декларираните Албанци од редот на Македонците и Турците за да дојдат до работно место човек може само да им се сожали на умот.

Сѐ на сѐ. Се прави од готово вересија. И никој не мисли на сериозните последици од еден необмислен потег“, заклучува Спасов.

Претходно, како што посочивме, тој предупреди дека барањето на БЕСА е перфиден обид да се минира Македонската националност во пасошите, како што произлегува од Преспанскиот договор. Со други зборови, Спасов не се согласува со образложенијата на премиерот Зоран Заев, или на Фадил Зендели, дека со впишување на етничката припадност во личните карти, никој ништо нема да загуби, а сите ќе добијат.

„За жал “Левица” за прв пат е во прво. Нема потреба да се дозволува во личната карта “кој сака” да му биде запишувана и неговата етничка припадност или потекло. Тоа не само што е непотребен чин на етничка самоидентификација туку е и чин на етничко самообележување.(како со жолта лента на ракавите)

За што всушност ја користиме личната карта? За во банка, пред полиција и на гласање. На никого од тие пред кои сме должни да им ја покажеме не им е, и не треба да им биде важна, етничката припадност на граѓанинот.

Во земја со многу етнички мешани бракови тоа ќе биде еден вид изнудување. А кога се знае опасноста од сѐ уште неисчезнатите предрасуди и примери на дискриминација во општеството, тоа ќе биде можност и инструмент на националистите и на власта за јавна проверка на тоа дали некој се декларирал како Ром како Евреин како Бугарин или воопшто не “избрал етничка припадност во својата лична карта”.

Оттука оваа идеја, иницијатива, овој предлог и закон не треба да бидат прифатени бидејќи не водат кон зголемување на ничии права ниту кон зголемување на еднаквоста и рамноправноста.

Напротив. Мислам дека ова е многу перфиден обид да се минира решението договорено со преспанскиот договор со Грција според кое во пасошите пишува националност: Македонска (Macedonian)/Граѓанин на Република Северна Македонија. Ако помине оваа идеја во законот за лични карти треба да бидеме сигурни дека многу бргу ќе биде побарано етничката припадност да стои и во пасошите кај сите оние што не се баш среќни што и државјанството им е запишано како Македонско, односно што во графата Nationality пишува Macedonian иако е јасно дека тоа се однесува на државјанство и се преведува како македонско.

Можеби предлагачот Беса со ова сака пред локалните избори да добие уште некој националистички поен, но без сериозно разбирање на можните последици лесно водата ќе се налева кон воденицата на за сега маргиналната Левица. Образложенијата од видот “ова не ги засега правата на другите” а ги прави Албанците позадоволни граѓани во овој случај не држат вода.

Оттука. Добро е Законот да се повлече иако штетата е веќе направена. А ако станува збор и за уцена во однос на опстојувањето на владата и тој ризик треба разумно да се пресмета и поднесе. Ако се изборивме државноста да ја нарекуваме Македонска тогаш не смета и сите национални институции кои и припаѓаат на државата да се означуваат како македонски бидејќи со тој збор не го означуваме само етничкото туку и државното, националното кое го чува народот составен од повеќе етнички заедници обединет и интегриран во современа политичка нација“, напиша Спасов во еден свој претходен пост на Фејсбук.

- Реклама -