Џамбаски бара Бугарите од Македонија да ја пријават секоја навреда, закана, дискриминација – ќе бара реакција од ЕП и сите европски претставници

„Крајно време да биде поставено прашањето за правата и законските интереси на македонските граѓани со бугарска национална самосвест. Зошто дури и тие македонисти во Софија, кои толку многу зборуваат за права и слободи, тие никогаш не го покренуваат прашањето за македонските граѓани со бугарска национална самосвест“, пишува бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, најавувајќи заострена офанзива по ова прашање во Европскиот парламент.

„Го чувте Заев пред неколку дена, кога ги набројуваше погодените од бугарското ‘вето’, дека наброи неколку народности во Македонија. Наброи Албанци – има, наброи Срби – има, наброи Ѓупци, Цигани, Египќани – има, наброи Власи и Ерменци, наброи Босанци кои во Македонија се не повеќе од 200-300 луѓе, нека се и 2-3 илјади. Но повторно, намерно, тој не ги спомна Бугарите во Македонија. Тоа што ви кажува?“, пишува на Фејсбук Џамбаски, кој е и потпретседател на ВМРО-БНД на Каракачанов, кој неодамна исто така го обвини Заев за изоставување на Бугарите.

„Тоа зборува за континуираната политика на одрекување, на омаловажување, на иронизирање, на обид за понижување на Бугарите во Македонија. И сега ние од ВМРО ќе завземеме еден поцврст курс, особено тука во Европскиот парламент – тоа ќе е моја задача: секој еден случај на насилство над Бугарин во Македонија ќе биде распространуван што е можно пошироко и што е можно погласно. Секој еден случај на закана на социјалните мрежи, на малтретирање на работното место, секој еден случај на понижување итн. , ќе биде јавно објавуван“, најавува Џамбаски.

Притоа, тој ги повикува Бугарите во Македонија секојдневно да го снабдуваат со информации за вакви случаи:

„Моите лицемерни колеги во Европскиот парламент многу ги заштитуваат, на зборови, правата и слободите, и затоа сега со моите соработници ќе правиме и ние така. Со тоа се обраќам кон сите Бугари во Македонија да ми даваат секојдневна информација за секој еден случај на говор на омраза, на закана – било на социјалните мрежи, било во медиумите, било на работно место. Сите тие нешта ќе ги пишуваме и ќе ги испраќаме на сите европски претставници, на сите претставници на политичките партии овде (во ЕП) и ќе бараме од нив реакција.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Зашто тука секоја година се дава награда за заштита на правата на човек по име Сахаров, оваа година ја доби, ако не се лажам, Белоруската опозиција. И сметам дека кога станува збор за правата на луѓето, и бидејќи ова ќе биде некаква тема, ние многу јасно, силно и гласно треба да го поставиме тоа прашање. Прашањето за правата, политичките права, на македонските граѓани со бугарска самосвест“, вели Џамбаски, веројатно како одговор на одлуките на европските институции за непочитување на правата на македонското малцинство во соседна Бугарија.

Според него, дел од овие македонски граѓани со бугарска самосвест се бугарски граѓани, но има и такви кои не се:

„Десетици, ако не и стотици илјади се граѓаните на Република Македонија кои тајат во своето срце љубов кон Бугарија, кои помнат и ја негуваат својата национална самосвест. Фактот што ренегатите  во Скопје и Софија го негираат тоа, не го менува фактот дека во Македонија има стотици илјади Бугари кои продолжуваат да бидат Бугари и не се одрекле од своите бугарски корени. На тие треба да им се помогне!“, додава Џамбаски.

- Реклама -