Груби со целосна поддршка за Македонците: Нема простор за стравување, воопшто не се разговара/ло за јазично-идентитетски прашања со Бугарија

Владата работи на создавање ново општество со еднакви права и обврски за сите граѓани, како и на интеграција во Европската унија со цел подобар живот на сите граѓани, но во ниту еден момент со Бугарија не се разговарало, ниту се разговара, за јазикот и идентитетот, увери првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, денеска во рамки на отчетот за првите 100 дена од работата на Владата.

„Во својство на највисок претставник на албанската заедница во Владата“, како што рече, Груби изрази целосна поддршка до „македонската заедница“ во заедничките напори за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој порача дека нема воопшто простор за стравување, а како пример ги посочи истите такви стравувања во поглед на Преспанскиот договор и уставните измени. Со членството во НАТО и меѓународното потврдување на заедничката држава, се покажа дека тие биле неосновани, оцени Груби.

Во овој контекст, тој ја повика опозицијата да не ги бојкотира седниците на Собранието и да не ги блокира улиците во име на „измислена кауза“, туку да ја прифати подадената рака од владата за заедништво, соработка и конструктивност.

 

- Реклама -